Рано предупредување: Следи период на засилување на црната пропаганда

пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Мониторингот на ЦИВИЛ секојдневно подготвува извештаи за политичките настани и процеси во нашата земја и тоа во неколку специфични области: политичко финансирање, корупција, социјална правда, говор на омразата и лажни вести. Од анализите на ширењето на лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата, може да се извлечат заклучоци и да се предвидат „пиковите“ и темите со кои се занимаваат одредени пропагандни центри кои дејствуваат во земјава.

Анализите на ЦИВИЛ потврдуваат дека веднаш по одржувањето на предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули, што се однесува до односите меѓу политичките актери, барем кај еден дел од нив, реториката за нијанса се промени, а интензитетот на говорот на омразата се намали. Некои тврди ставови во текот на изборната кампања омекнаа и се заменија со подготвеност за разговор. Кај други, пак, се бележи стивнување или пренасочување на фокусот на пропагандните активности. Сепак, неколку дена се бележи своевидно затишје на „бојното поле“ на политиката.

Но тоа затишје, во суштина привидно, не се однесуваше и на ЦИВИЛ. Напротив, се добива впечаток дека е зголемен интензитетот на говорот на омразата насочен кон ЦИВИЛ и други актери во граѓанското општество, меѓу кои и одделни медиуми, активисти и експерти. Тоа доаѓа оттаму што во постизборниот период се настапува со малку поголема претпазливост во јавната комуникација меѓу политичките партии, додека ресурсите за водење кампања имаат доволно време своите напади да ги насочат против дел од граѓанското општество кое се занимава со човековите права, изборниот мониторинг и со промоција на европските вредности.

Погрешен би бил заклучокот дека ЦИВИЛ и другите засегнати со црната пропаганда, се впуштиле во директна конфронтација со пропагандната машинерија на антизападните структури и националистите. Не се работи за директна конфронтација, туку за привремено селење на „фронтот“. Наместо кон политичките партии, огнот привремено се свртува кон граѓанското општество, со цел да се дискредитираат извештаите и анализите на релевантни организации, медиуми и експерти.

Пропагандистите и партиските тролови се држат во кондиција, бидејќи ги очекуваат нови, жестоки предизвици. Од мониторингот и од анализите на политичкото финансирање станува очигледно дека буџетите за пропаганда се огромни, а темите со кои допрва ќе се занимаваат се исклучително важни за опстанокот на некои политички фигури, па и цели политички ентитети кои се засегнати со процесите започнати во Северна Македонија.

Во наредниот период, особено во деновите кога се прославува државниот празник Илинден, а потоа и во деновите на конституирање на новиот парламентарен состав и процесот на формирање на владата, се очекува нов бран на лажни вести, дезинформации и говор на омразата, како и заострување на реториката и продлабочување на политичките ривалства и тензии.

Решението за овие предизвици во деновите и неделите пред македонското општество е едноставно. Институциите, особено Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, како и сите останати релевантни институции, имаат законска обврска да излезат во заштита на јавниот интерес и безбедноста на граѓанките и граѓаните. Понатаму, јавноста, граѓанското општество и медиумите, имаат законска, морална и професионална обврска да обезбедат услови за пристојна, достоинствена и аргументирана дебата во општеството.

Граѓанките и граѓаните не треба да дозволат да бидат жртви на манипулации и заплашувања кои доаѓаат од пропагандните центри кои промовираат поделби, страв и насилство. Доволно е само да кажат не за црната пропаганда и да ги проверуваат информациите и вестите, колку и да изгледаат уверливо.