ВМРО-ДПМНЕ, како и Левица, се ноторно познати по ширење говор на омраза и дезинформации. Тие се често опфатени во извештаите и анализите на релевантни меѓународни и домашни организации, а само една од нив е и студијата за дезинформациите во издание на Европскиот парламент.
Во еден од своите најнови напади против граѓанските организации, портпаролот на парламентарната политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на Фејсбук го клевети и му се заканува на претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, при што меѓудругото пишува:
Едноставно “Диктатор не сме пасти”!
Изгледа Саше Политико е на задача да го мачка со фактор 50вче диктаторот, па на кратко улогата најдолна релативизаторска задача ја презеде Џабир Дерала.
Ќе видиме наскоро колку чинат невладината, два медиуми, говорите по митинзи, релативизирањето…
Ова го пишува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ. Дали е воопшто потребен коментар на ваквото однесување на цела една голема парламентарна политичка партија во јавната комуникација? Ваквите објави несомнено упатуваат на тоа дека официјална политика на ВМРО-ДПМНЕ е да напаѓа граѓански организации и медиуми со навреди и клевети, со што предизвикува говор на омраза и поттикнува насилство! Понекогаш се чини дека политичките партии уште пожестоко се нафрлуваат врз граѓанските организации, активисти и новинари, отколку што дејствуваат против своите директни политички конкуренти. Тоа, меѓу другото, беше констатација и на меѓународната конференција на ЦИВИЛ „Напади врз демократијата и човековите права“ што се одржа на 28 јули годинава.
Ова не е единствен случај на портпаролот на најголемата опозициска партија да го клевети и навредува граѓанскиот активист Дерала и ЦИВИЛ МЕДИА.
ЦИВИЛ и Дерала во текот на изминатите три години на адресата на ВМРО-ДПМНЕ испратија стотина, можеби и нешто повеќе прашања. Ниту еден одговор не пристигна назад. За разлика од портпаролот Стоилковски кој, кога веќе се занимава со граѓански организации и медиуми, ниту еднаш не испрати прашања на официјалните е-маил адреси на организацијата или медиумот кој ги клевети и навредува постојано!
ЦИВИЛ беше, е, и ќе остане доследен на своите позиции на антинационализам, на заложбите за човекови права и слободи и на борбата против дезинформациите и нападите врз демократијата, колку и да не им се допаѓа тоа на одредени политички структири. ЦИВИЛ никогаш нема да потклекне на нападите и секогаш ќе се бори за подобро општество. ЦИВИЛ МЕДИА ќе продолжи да им „боде очи“ на политичките и други структруи кои шират национализам, говор на омраза и дезинформации.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ