Со стара фотографија се шири паника и страв кај граѓаните дека од Авганистан ни доаѓаат само мажи

Повторно лажни вести и дезинформации се крчкаат во партиските кујни, овојпат мета се најавите за прифаќање на цивилно население од Авганистан. На Твитер со нова лажна вест Вечер лови кликови и шири паника меѓу граѓан(к)ите на сметка на трагедијата која се случува во Авганистан. Во својот пост објавува фотографија на поголема група мажи кои се транспортираат со авион, со наслов Ниту една жена нема во авионов кој евакуира бегалци“.

Твитерџиите ја препознаа лажната вест и веднаш ја демаскираа. Малку треба за да се дознае вистинското потекло на фотографијата, се работи за депортација на Авганистански бегалци од центрите за депортација од Турција во земјите од каде што потекнуваат, и истата е објавена на 18.04.2018 година.

Меѓутоа и покрај фактот дека фотографијата е од 2018 година, сепак партиската машинерија оркестрирано ја споделува оваа лажна вест на социјалните мрежи. Меѓу нив е и актерот Сашо Тасевски кој на својот Фејсбук профил не изостави да плука по власта и институциите со тоа што шири лаги, дезинформации и создава паника и страв кај македонските граѓани, со неговата објава која гласи: И така Заев спаси куп дечиња со нивните мајки од Авганистан… И го донесе тероризмот во Македонија… Баравте гледајте. Ги провери некој луѓево кои се? Какви вештини поседуваат? Не верувам. Нашите служби и државата се хипи. Шират мир и пријателство“.

Целта на ваквите лажни објави е да се создава страв и паника кај населението. ЦИВИЛ ги повикува институциите конечно да преземат мерки и да ги санкционираат сите што објавуваат лажни вести, дезинформации и говор на омраза.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ