Како општествено одговорна организација, ЦИВИЛ организираше серија дебати за пописот, почнувајќи од почетокот на декември минатата година. Бројните настани се надоврзаа на работата на тимовите и редакцијата на медиумската платформа на организацијата кои го набљудуваат процесот од самиот почеток и објавија релевантни информации, анализи и ставови кои првенствено одеа во насока да го истакнат пописот како статистичка операција, наспроти непотребната политизација на процесот.
Како и секогаш, организацијата и во оваа тема дејствуваше „децентрализирано“, па дебати организираше и во други градови, како Штип, Гостивар и Гевгелија. ЦИВИЛ ја следи проблематиката поврзана со пописот на населението од 2011 година и констатира дека оваа тема се политизира и се злоупотребува за политички цели и влошување на меѓуетничките односи. Организацијата е меѓу првите кои во својата програма ја вклучија заложбата да се објасни вистинската потреба и начинот на спроведување на пописот, наспроти манипулациите и политичките злоупотреби. Во ова досие се ставени сите панел дискусии на ЦИВИЛ каде се изнесоа низа различни ставови поврзани со темата: Попис 2021.
СКОПЈЕ: ЦИВИЛ во рамките на Фестивалот на Слободата организираше панел дискусија со наслов „Попис: Помеѓу политиките и статистиките“, 11 декември 2020
Последниот попис во земјава беше спроведен во 2002 година, додека обидот за попис во 2011 година беше неславно прекинат заради политизација на процесот. Новата влада планираше попис во април 2021 година, но се одложи за во септември. Како ЦИВИЛ придонесе кон потребата од напуштање на политиката надвор од статистиката...
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, на панелот на ЦИВИЛ, Попис: Помеѓу статистиките и политиките, што се одржа на 11 декември 2020 година опширно го појасни целиот процес на спроведување на пописот . Симовски на панелот најави и детално опиша неколку новини, најави дека пописот нема да дозволи да се политизира, го објасни целосниот процес и уште многу други детали за коишто смета дека јавноста мора да ги знае. Во овој период уште се чекаше на донесување на Законот за попис во Собранието.
„Јавноста треба да ги знае сите детали за пописот, треба да се подготвиме сите, бидејќи иако е статистичка, оваа активност не е само статистичка, туку е активност што треба да обезбеди податоци за општо добро. Податоци со коишто ќе се креираат развојни политики во државата наредните десет години, и врз основа на тоа, секој граѓанин во нашата држава да има бенефит од оваа работа. Подготовките за овој попис почнаа многу одамна, попис не се подготвува за еден месец или два, или година дена, се подготвува подолг временски период, односно, по правило, подготовките започнуваат кога ќе заврши последниот попис, значи веднаш следниот ден, започнуваат подготовките за следниот попис. Се разбира, врз основа на сознанијата, искуствата, но се разбира и од искуствата за потребите на јавноста за информации, така што веќе долго време се подготвуваме. Меѓутоа, она што е кочница во моментов, е донесувањето на законот, вчера почна расправата во парламентот“, вели Симовски.
Симовски го објасни и начинот иметодологијат на кспроведување на пописот.
„Во светот постојат четири методи, коишто се спроведуваат со комбинација на техниките, и нема други методи во светот. Постои традиционален метод, класично попишување и овој комбинираниот којшто го користиме ние. Има метод со користење податоци исклучиво од регистри, тоа е совршенство и дај боже да го достигнеме…Оваа година 11 земји во Европската Унија на овој начин ќе го спроведуваат пописот, и има еден единствен метод којшто го применува само Франција, таканаречен „тркалачки попис“ (rolling census), каде што во текот на десет години се прават анкети и се заедно се сублимира како пописен податок. Но ова е уникатно француско искуство, ниедна друга земја во светот не го применува бидејќи смета дека не може. И тоа е тоа, не постојат европски стандарди, постојат светски стандарди коишто ги прифаќа Европа. А опозицијата вели пописот не ги исполнува европските стандарди…Кои стандарди? Ете минатата година требаше да биде пописот, надвор од регулативата на ЕУ, но ние добивме дозвола од Евростат бидејќи немавме во 2011, требаше да направиме во 2012 попис, а не во 2020…“, објасни Симовски.
На панелот Џабир Дерала од ЦИВИЛ се осврна на политизирањето на пописот, на кои политички структури тоа им одговара, како и зошто досега во јавноста е засадена мислата дека пописот на население е политизиран.
„Веќе подолго време сме сведоци на една жестока, деструктивна политика која го контаминира јавниот и политичкиот дискурс, во таа насока што ниту едно прашање не може да помине, а да не се исполитизира. Пописот е многу важна стратешка точка, во креирањето на атмосферата во општеството, во јавноста, од ултранационалистичките и антизападните структури во политиката. Пописот може многу лесно да се претвори во оружје, во битката со кое се прави обид да се дискредитира политичкиот противник. (…) И тука имаме ситуација кога национализмот, односно меѓуетничките односи, стануваат главна тема, буквално во сите области“, рече Дерала на панел дискусијата.
Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика, пак, изјави дека новиот начин на кој ќе се спроведе пописот е новост за државата и дека Државниот завод за статистика се труди да придонесе високи резултати за да се добијат податоци што побрзо.
„Условите и можностите иако активностите Заводот ги започна пред неколку години, сега со пандемијата се успори процесот, но институциите функционираат меѓу себе со координации. Јас сум изненаден што учестувам во тие консулатации и што ќе направивме исчекор од друг систем“, вели Герасимовски.
Герасимовски очекува дека ќе се постигне современо работење и дека брзо ќе се добијат потребните податоци. Според него, политиката и партиите треба да се тргнат од пописот и да не се обидуваат да манипулираат со податоците или во процесот на спроведување.
СКОПЈЕ Панел на ЦИВИЛ на тема „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“, 9 февруари 2021
Панел дискусија на тема „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“, на која учествуваа Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје и Дехран Муратов, новинар и координатор во ЦИВИЛ, а ја модерираше новинарот Зоран Иванов, даде осврт на веќе започнатиот процес на длабоко политизирање на пописот, особено по изгласување на Законот за попис.
„Државниот завод за статистика останува на ставот дека пописот е исклучиво статистичка операција и ќе ја спроведе на таков начин. Свесни сме дека ќе има политички притисоци, но до нас е дали ќе успееме да одолееме. Цврсто сме решени да истраеме во тоа и оваа операција навистина да биде само статистичка“, рече Симовски.
Тој повтори дека на ДЗС е да собере точни и квалитетни податоци и тоа и ќе го направи, а како тие податоци понатаму ќе бидат третирани не зависи од нив.
„Како некој ќе ги третира тие податоци кога ќе ги објавиме, тоа не зависи од нас. Оној што ќе знае да ги искористи ќе има исклучително голем бенефит. Наше е да ги обезбедиме тие податоци и тие да бидат секому достапни, а тоа секако ќе го направиме, рече Симовски.
Директорот на ДЗС остана на ставот дека пописот ќе биде спроведен по сите стандарди. За спорните точки околу носење на законот, за податоци на бројот на резидентно и нерезидентно население, Симовски појасни дека со сегашниот попис се опфаќааат и нашите граѓани кои се надвор од државата повеќе од една година, бидејќи се цени дека државата има огромен интерес да ја знае бројката државјани кои се надвор од неа, каква е нивната структура по сите основи, кога заминале од државата во кои правци и во кој временски период заминале од државата. Пописот, вели е, да се види кои сме, колку сме и какви сме, не само по етничка или верска припадност, туку по сите други карактеристики кои, како што потенцира, се многу поважни...
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, како учесник на панелот истакна дека локалната самоуправа нема право да стравува од обврските за пописот, бидејќи тие податоци се основа за креирање политики на локално ниво.
„Ние како ЗЕЛС имавме средба со ДЗС да ги направиме подготовките за спроведување на пописот во инфраструктурна смисла, просторна и техничка пред сè и дел од персонал, и мислам дека сме подготвени да ги исполниме барањата на Заводот за статистика што ќе ги достават до нас (градоначалниците)... Многу е битно да ги добиеме податоците и како држава и како единици на локална самоуправа, бидејќи тие податоци се основата за креирање на развојните политики во самите единици во локалната самоуправа во микро-економското планирањето на делот што општините го имаме како ингеренции. Ќе добиеме и податоци за определени научни истражувања кои се одвиваат на ниво на држава“, истакна Шилегов.
Тој вели дека во изминатите години имаа потешкотии да ги спроведат активностите.
„Гранап да имате ќе мора еднаш годишно да направите попис. Без попис не можете да си го водите бизнисот, затоа се прави попис на секои 10 години, за да може да се креираат политики на долг рок... Ние немаме поинаков избор, мораме да ја реалирираме оваа обврска. Стандардите кои ги применува ДЗС се во согласност со стандардите на ОН и Еуростат“, заклучи Шилегов.
Што се однесува до политизирањето на самиот процес, Шилегов беше дециден дека се работи за политичко лицемерие, сега се повикува на одлагање, а потоа ќе се обвинува зошто не завршен пописот.
„Обидите за политиканство и бојкот на пописот од одредени политички структури се обид за деструкција на процесите кои едноставно мораме да ги направиме како држава. Ние немаме право да бидеме деструктивни ни кон државата, ни кон општеството, најмалку кон граѓаните“, нагласи Шилегов.
Тој вели дека опозициската политичка структура е структура која знае само да предизвикува паники и лажни вести.
„Немаме право заради дневно-политички поени да ги стопираме стратешките процеси на државата“, нагласи Шилегов.
Дехран Муратов од ЦИВИЛ се осврна на проблемот со помалубројните етнички заедници.
„Ова не го кажувам за да бидам политички коректен, не велам помали заедници, бидејќи сите заедници се еднакви, но моментот е – колку се тие помалубројни? Ние веќе дваесет години немаме попис, ние не знаеме колку жители има во државата…Ние не знаеме колку помалубројните заедници се, условно кажано, едни од најголемите заедници коишто мигрираат, коишто си заминуваат од државата...“, вели Муратов
„И јас сум уверен дека ќе испадне многу поголема бројката на тие коишто се заминати во странство, отколку на тие што живеат во нашата држава. Она што би требало да се знае, е дека треба секој да се декларира така како што најдобро се чувствува. Гледам дека има некаков обид од некои политички структури, да се активираат повторно во политичкиот живот, искористувајќи ја статистичката операција, односно пописот, и гледаат можност да излезат големи патриоти, ,и да ги убедуваат, условно кажано, „своите граѓани“, и тоа е малку лицемерно, затоа што во недостаток од понуда на политичка програма, тие ќе го искористат моментот, ова е мое, лично мислење, за до локалните избори, им покажат на „своите граѓани“, да кажат –еве ние како се боревме да се попишете на пописот, што е основно и загарантирано право… И затоа, кога ќе кажам помалубројните етнички заедници, во овој момент некако се оставени на страна. И некако, како пописот да се бори за двете поголеми етнички заедници, а другите заедници како да остануваат на – ако ви дадеме нешто“, смета Муратов.
Муратов изјави дека пописот е ставен во таканаречен изборен контекст, односно, одредени политички структури се произнесуваат дека се води кампања за пописот.
„Велат, ние почнуваме кампања за пописот. Каква кампања за пописот? Не е пописот кампања, пописот е статистичка операција, не може да кажеш ние почнуваме кампања за попис… Самиот збор кампања, веќе навестува на некаква политичка позадина. Пописот треба да е статистичка операција. Но на терен, кога правевме анкета со граѓаните, видовме дека има изманипулирани граѓани кои велат дека ќе бојкотираат, дури и да бидеме казнети. Тие се изманипулирани бидејќи на пописот наводно ќе немало графа националност. Се сетив сега дека имавме ситуација, пред да се активира законот за пописот, лажна вест дека 70.000 косовари ќе бидат попишани во Македонија и ќе добијат македонско државјанство. И тоа доаѓа од високи функционери коишто се од одредени политички структури коишто на тој начин, преку манипулации и лажни вести доаѓаат до поени, еве пред локалните избори што ни претстојат. Сметам дека дел од политичките структури, коишто во недостаток од политичка програма и понуди, ќе го искористат пописот како да направиле нешто, а пописот е нормална работа, но тие ќе си го препишат како нивна заслуга дека направиле нешто за пописот. Тоа е надвор од секаков ум“, нагласи Муратов.
ШТИП Панел дискусија на ЦИВИЛ на тема „Попис: Статистика, не политика“ на 4 март 2021
Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, претседателката на Совет на општина, Маријана Рогожарска Поповска, претседателката на пописна комисија, Соња Китанова, координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Здравков, советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Христина Серафимовска, директорот на Дом на млади, Горан Трајков и главниот уредник на ТВ Ирис, Војо Маневски, учествуваа на панел дискусијата „Попис: Статистика, не политика“, во Штип, во организација на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ ја препозна потребата со веќе почнатиот процес на попишување, да се слушнат ставовите зошто пописот е важен и на локално ниво. Се разбира, самата дискусија отвори можности за споделување на важни информации за текот на подготовките и одвивањето на процесот на попишување во почетната фаза, но значењето на пописот како за општините, така и за економијата, стопанството, градењето политики и практики на локално и национално ниво.
Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, истакна дека без пописот нема да бидеме интересни ниту за ЕУ ниту за светот. Според него, како технички статистичка операција, битно е пописот да се случи сега за нашата земја тргне во вистински правец.
„Пописот е суштински битен за една општина, ние не знаеме колку жители има во некоја општина, не ја знаеме старосната граница на граѓаните, етничката и религиозната припадност… Ние немаме точен податок за да може да бараме проекти од Европските фондови, ние користиме стари податоци Во врска со пописот сите имаме исти став само различно видување. Пописот е потребен, неопходен, и овој попис по 21 април откако ќе се сумираат сите изворни податоци, ќе имаме некаква претстава што се случува во нашата држава, што се случува во нашите урбани и рурални средини, каква е нашата демографска структура, и тоа е податок кој ќе ни биде потребен на нас. Пописот ни е статистички бајпас за унапредување на развојот на нашето општество од 2001 година кои не знам колку се точни“, вели Николов.
Соња Китанова, претседателката на пописната комисија за реон 16, освен што даде преглед за тоа како се одвива самиот процес на попишување и која е улогата на Комисијата, се осврна и на константните напади од опозицијата, токму на тема попис.
„Нашата комисија е составена од професионалци, по струка дипломирани економисти, правници и геодетски инженери, како што бара законот, и ние ќе дадеме се од себе пописот во општините Штип и Карбинци да се спроведе согласно сите насоки и законот“, изјави Китанова, додавајќи дека нема право да ги коментира притисоците од различните страни и како комисии, имаат обврска да му дадат логистичка поддршка на пописот.
Согласно законот, додаде Китанова, немаат право да даваат какви било толкувања за самиот закон и дека сето тоа е во надлежност на Државниот завод за статистика.
„Како Претседател на Совет на општина Штип ние секоја година, или на секои три години носиме развојни програми од одредена област. Ќе го спомнам последниот пример кога требаше да се изработат програми и стратегии за развој на општините во делот на социјалните политики. На првата страна што ми остави впечаток вели: „Во Штип има толку и толку жители, од кои толку и толку се од таква и таква националност“… и завршува, се повикуваме на извори од пописот во 2001 година. Ние сме сега 2021 година, односно 19 години ние немаме податоци и не знаеме колку жители има, која е нивната етничка, родова, верска припадност“, вели Марјана Рогожарска Поповска, претседателка на Совет на Општина Штип.
„Попис ни е апсолутно неопходен ако сакаме да знаеме во која насока се движиме. Во Штип има факултет, и ние немаме точни податоци колку лица се со високо образование или имаме повеќе кадри кои имаат завршено средно образование“, додаде Рогожарска Поповска, велејќи дека би било совршено пописот се одвива целосно електронски како што бара опозицијата, но ние не знаме колку граѓани имаат основно познавање на компјутерски вештини, не знаме колку лица има што не знаат ниту да читаат, ниту да пишуваат, прашањето е каде ќе се најдат овие луѓе…“, изјави Рогожарска Поповска.
Директорот на „Дом на млади“, Горан Трајков смета дека се заборава на младите и нивните желби за нешто ново, надвор од политичките игри.
„Ако мислиме дека ни е потребен попис, пописот не е консензус, пописот е цензус. Ние сме поставени во ситуација да се попишеме или избришеме. Се заборава дека младите сакаат нешто друго и сакаат нешто различно… Сакаат општество во кое ќе бидат слободни и сакаат мир, уморни се од политичките игри. Мораме да ги слушнеме желбите на младите. На каков темел е поставен на ова општество? Не стручни луѓе на стручни места еднакво е на пропаст. Колку градинки ни се потребни во нашиот град, колку училишта во нашиот град и држава? Како ќе ги креираме тие политики ако не знаеме колку и какви содржини да направиме за младите но и за повозрасните?“, вели Трајков.
Новинарот и главен уредник на ТВ Ирис, Војо Маневски, смета дека статистиката не смее да се политизира, но резултатите што ќе излезат од пописот, ќе бидат во корист на политиката за да се креираат програми и политики.
„Како пример, според статистика на гледачи од пописот од 2002 година се плаќа концесија. Како медиум немаме точни податоци колку гледачи имаме. Ние не знаеме дали имаме потреба од 120 пратеника, или 16 министри. Сите тие политики ќе ни зависат од резултатите од пописот“, посочи меѓу другото Маневски.
Двајцата претставници на ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на советничката група на партијата во Штип, Љубе Здравков и советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Христина Серафимовска се фокусираа на она што според нив се пропусти во процесот на попишување.
За Здравков собирањето 100.000 потписи докажува дека колку и да е добра намерата за попис, толку е и голем и сомнежот.
„Не знам во иднина како ќе стекнеме еден минимум доверба, да, ние сме комшии и пријатели, но на политичка сцена ние си немаме доверба. Дециден став никој не зазема дека треба да се бојкотира. Ако некој сака да го злоупотреби, нека му служи на честа, а тоа во иднина ќе се покаже“, изјави меѓу другото Здравков.
Серафимовска, потврди дека не се повикува директно на бојкот, туку се бара корекција и вложување во вистински попис. Аргументите за тоа, според Серафимовска се дека нема доволно информираност во дијаспората, а и самата здравствена ситуација со Ковид-19 отвора можност самите попишувачи да не бидат пуштени во домовите на оние што треба да се попишат.
„Што ќе смени неколку месеци или една година кога веќе 20 години немаме попис“, вели Серафимовска.
ГОСТИВАР Панел на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“ во општина Гостивар, 11 март 2021
Политиката да се одвои од статистиката, бидејќи пописот тоа и е – статистичка операција, а не полигон за етно-политички пресметки. Гостиварчан(к)и се едногласни дека пописот треба да се спроведе и дека не треба да се бојкотира.
ЦИВИЛ одржа панел дискусија на тема „Попис: Статистика, не политика“ во општина Гостивар, во која учествуваа градоначалник на општина Гостивар, Арбен Таравари, претседателот на Советот, Бесим Мемеди, координаторот на советничка група на СДСМ, Зоран Ангелов и советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Силјаноски. Панелот го модерираше Џабир Дерала од ЦИВИЛ. На панелот беа поканети и претставници на помалкубројните етнички заедници кои живеат во Гостивар, но, за жал немаа време да присуствуваат на настанот.
Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика, се осврна на тоа да се искористи можноста да се попише населението, бидејќи ни требаат точни бројки.
„Јас ќе почнам прво како граѓанин, државата мора да има и добро е да има попис, бидејќи од 2002 немало друг попис, иако почнаа во 2011, но не се разјаснети причините зошто се стопираше тој процес. Како градоначалник многу ми е битно да се спроведе пописот, бидејќи имаме училишта, градинки, патишта и други работи кои планираме да се спроведат тие работи, но мора да се преброиме колку сме за да знаеме како да планираме понатамошно повеќе градинки, училишта. Треба да се видат по селата колку граѓани има и да планираме тие деца каде да учат... Јас инсистирам како градоначалник месните заедници да бидат ангажирани околу пописот. Пописот не е политика туку е математика. Добро е да знаеме колку сме за да можеме да ги планираме работите..“, вели Таравари.
„Како општинска организација веќе кажавме дека сме тука и соработуваме со ДЗС и стоиме да бидеме full support за се што треба до крајот на попишувањето. Ја користам можноста да ги повикам граѓаните кај нас и тие што се надвор да ја искористат можноста да се попишат. Многу сум оптимист дека ова е последен попис што во државата ќе се извадува физички. Во странство кога им треба попис на секои 6 месеци пуштаат апликации и населението се попишува онлајн. Што ќе постигнат малите партии што ќе сакаат да го бојкотираат пописот? Што ќе постигнат со тоа? Јас ги повикувам да подразмислат убаво, најмногу за нивните деца“, порача Таравари.
Советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гостивар, Марјан Силјаноски, истакна дека пописот е од суштинско значење и треба што побрзо да се одржи, меѓутоа како партија не се согласуваат да се одржи сега туку да се одложи поради здравствената состојба.
„Во ек на пандемија бројките секојдневно растат и не треба да се одржи попис во овој период. Има доста земји што го одложиле пописот токму поради здравствени причини. Во есен или пролет да се пролонгира пописот. Голем број на граѓани се согласуваат со нас гледајќи ја поддршката што ја добиваме секојдневно. Ние не сме за бојкот на пописот, бидејќи ни е потребен попис. Дебатата за Законот за попис требаше да опфатат повеќе политички партии. Власта отфрли 40 амадмани од ВМРО-ДПМНЕ. Се согласувам дека пописот е математичка операција – а не политичка“, вели Силјановски.
Координаторот на советничката група на СДСМ, Зоран Ангелов, нагласи дека пописот е сложена статистичка операција и дека Северна Македонија мора да спроведе попис.
„Мора да знаеме колку сме за да можеме да се развиваме. Не смее на ниеден попис да му се даде политичка конотација. Пописот ќе каже колку се дома колку се во странство повеќе од 12 месеци. Отселувањето на младите кадри за жал е многу големо и затоа мора да знаеме колку се отселени, на која возраст се и образованието нивно да го видиме. Во графата за етничка припадност секој ке се попише како се чувствува. Се надевам на успешно спроведен попис со почитување на сите мерки кои ќе ги препорача комисијата з заразни и сите мора да се придржуваат кон тие мерки. Се надевам дека нема да се прават опструкции и повикувам на масовно попишување“, изјави Ангелов.
Претседателот на совет на Општина Гостивар, Бесим Мемеди, истакна дека кога почна пописот за дијаспората, граѓаните од надвор го контактираа дека пописот е почнат многу хаотично.
„Ние помагаме како политичка партија да има успех во пописот за граѓаните што живеат надвор. Од политички аспект јас припаѓам во Алијанса на Албанците и ние го поддржуваме овој попис и имам впечаток дека ќе се оддржи овој попис... Има зголемување на бројките на Корона, но кога се изгласа законот ние бевме во втор бран, а сега тоа што се случува може да влеземе и во трет бран. Ние треба да ги мотивираме граѓаните да се оддржи овој попис. Како лекар повиќувам кога ќе се оди во куќи каде што се знае дека има позитивни да се оди добро подготвени да не се зарази уште некој, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19. Од 1 до 5 пописот би го оценил дека ќе биде безбеден 3 (добар)“, рече Мемеди.
Еден граѓанин кој живее во странство за ЦИВИЛ вели дека тој го оствари своето право преку апликацијата за самопопишување на граѓаните во дијаспората.
„Јас се попишав без никаков проблем. Ги повикувам сите да се попишат, бидејќи треба да се знае колку луѓе има тука колку се заминати во странство“, вели тој.
„Не се реални повиците да се бојкотира пописот. Зошто да се бокотира? Пописот се прави за нас, бидејќи ние сме државата“, вели друг граѓанин на Гостивар.
Еден граѓанин истакна дека повиците да не се отвара врата на попишувачите се само политички игри.
„Не може да се вадат на пандемијата, сега може надвор да се спроведе пописот убаво е времето. Треба да се направи пописот, нема никаква штета“, вели еден гостиварец.
ГЕВГЕЛИЈА Панел на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“, 17 март 2021
ЦИВИЛ одржа панел дискусија на тема „Попис: Статистика, не политика“ во Општина Гевегелија, во која учествуваа градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, Претседателката на пописната комисија за општините Гевгелија и Дојран, Ката Ристова и советникот на Општина Гевгелија од СПМ, Ристо Камов. Панелот го модерираше Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
Учесниците на панелот ги изнесоа своите ставови во однос на пописот, кои беа во дефинитивна насока на спроведување успешна статистичка операција, ги појаснија потребите за попис на локално ниво, и дадоа одлични пораки до сите политички и општествени чинители во земјата во однос на пописот.
„Пописот е статистичка операција. Прашањето е како треба да функционира едно општество. Една држава за да може да креира политики ако нема попис. Мора да има попис, бидејќи и во едно семејство сè што се прави се прави врз база на некој план, краткорочен или долгорочен. Ние не знаеме колку сме, а треба да креираме социјални, образовни политики, политики на комунално и зонско паркирање… Сè се сведува на бројки, на факти кои треба да ја дадат сегашната слика и врз база на тоа да се изготват краткорочни и долгорочни планови“, изјави градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
„Треба да се направи стратешки документ каде потоа на база на тој ќе се донесуваат одлуки. Кога се попишува не се попишува само луѓе, се попишува и имотот. Како да знаеме какво зонско паркирање да направиме ако не знаеме колку автомобили имаме. Просто е прашањето како јас гледам на пописот. Целта на пописот е статистичка операција која треба да ни даде одговор на сè. Во сите општини фали реална проценка на имот, односно данок на имот. Според мене ова беше шанса да со пописот да има посебен образец за имотот и од правни и физички лица, но требаше порано да се изберат попишувачите. Во цел свет, финансирањето на општините најмногу оди од данокот на имот“, изјави Поцков.
Во однос на повиците за бојкот на пописот поради здравствени причини, тој го посочи примерот со Бугарија која се подготвува за избори, а брои околу 9 милиони жители.
„Во Бугарија не знаат дека има корона, а еве ќе прават избори? И нас нè плашеа дека ќе има многу заболени ако се одржат изборите, еве се одржаа минатата година и се беше во ред. Сега зборуваме за попис каде што поединец ќе влегува во фамилија, а имаме избирачко место каде што има по 1.000 гласачи. Ние мора да живееме со пандемијата, како што одиме на работа, во продавница, сè работи, само се прилагодуваме на новите услови... Ние се стремиме кон Европа и нема да се даваат или одземаат некакви права според некакви проценти. Еднаш дадени права не може да се одземат, може само да се унапредуваат. Кога веќе зборуваме за политика, тие права се дадени во време на ВМРО-ДПМНЕ, а сега СДСМ само ги усовршува тие права“, рече Поцков.
Претседателката на пописната комисија за општина Гевгелија, Ката Ристова, на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“ се осврна на техничкиот дел од пописната операција во овие општини.
„Пописот е од исклучително значење за државата и особено откако во нашата држава дваесет години не е спроведен попис, и некако му доаѓа како да боде во фокусот на вниманието. Затоа сметам дека е одлично што ЦИВИЛ ги организира овие панел дискусии. Од позиција на претседател на пописната комисија за реонот 11, можам да споделам неколку информации од технички карактер. Пописниот реон 11 ги сочинува подрачјата на две општини, општината Гевгелија, и општината Дојран. Ако за ориентација ги земеме податоците од пописот од 2002 година, станува збор за пописен реон со околу 25.000 жители, 8.240 домаќинства, и 11.408 станови. Дали и колку овие бројки се релевантни и денес, ќе покаже новиот попис.
Како новина во однос на овој попис, Ристова ја посочи информацијата дека со новиот Закон за попис во 2021 година, ја нема веќе онаа стандардна Државна комисија за попис, како централно тело што го бираше Собранието, сите надлежности и одговорноста за спроведување на пописот, се ставени на Државниот завод за статистика, како компетентна и најрелевантна институција.
„После 20 години искуство во приватниот сектор, последните 5 години работам во Јавното комуналното претпријатие во Гевгелија. Значењето на пописот е огромно, едноставно од основните потреби како што е формирање на цената на комуналните услуги зависи од бројката на еквивалент жители на една општина“, изјави советникот на општина Гевгелија од СПМ, Ристо Камов.
„Џабе ни е да имаме некаква стратегија за развој на туризмот, кој е битен елемент, бидејќи ако ги немаме точните бројки тогаш имаме различни проекции и неточни податоци. Пример за тоа е цената на услугите. Регулаторната комисија ни дава некој праг, за секој тип на услуги му дава на комуналното претпријатие некоја рамка од каде до каде да се движи цената. Комуналното претпријатие не е некоја деловна единка која треба да создава екстра приходи, но најважно е цената на услугите треба да биде во некој баланс околу приходите и расходите кои ги прави комуналното претпријатие. Од тој аспект битно е да имаме релевантни податоци“, изјави Камов.
На прашањето како тој гледа на повиците за бојкот на пописот, Камов истакна дека со ковид кризата мора да се научиме да живееме и не можеме да се споредуваме со соседните земји во начинот на справување со кризата, но дека се си има и добри и лоши моменти во целата таа ситуација.
„Во јавноста се наметнуваат неколку дилеми. На почетокот кога почна попишувањето на дијаспората во јавноста се појави сомнение дека со лажирање на IP адресата може да се попишува и резидентното население од Македонија. Техничко е прашањето колку такви случаи може да има, меѓутоа, има мерки кои може да ги филтрираат и тие податоци. Ние мора да се стремиме да ги вмрежиме дата базите на тие податоци и на тој начин ќе се видат колку се тие отстапувања од реалното резидентно и нерезидентно население“, вели Камов.
Камов во своето завршно излагање упати апел до Собранието, со образложение дека има многу граѓани кои не се политички определени, а законот за попис предвидува рестриктивни мерки доколку некој намерно не се попише бидејќи подложи на санкции. Во смисла на обичниот граѓанин, Камов изјави дека одговорноста паѓа на Собранието и на консензусот што треба да го донесат, без да се вадат на мислењето на Комисијата за заразни болести или на одлука на Владата во последен момент дали пописот треба да се случи или не. Тој истакна дека за граѓанинот ова е многу важно прашање дали ќе ја отвори вратата или не, а за тоа треба да размислуваат тие што седат во тие 120 столчиња.
СКОПЈЕ Панел дискусија на ЦИВИЛ - „Попис: Статистика, не политика“, 30 март 2021
По договорот меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пописот да се одложи за септември, граѓаните се во очекување на потврда на овој договор во законодавниот дом на Северна Македонија. Ден по одложување на пописот, ЦИВИЛ организираше панел дискусија во Скопје на тема „Попис: Статистика, не политика“.
Пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, на панел-дискусијата на ЦИВИЛ, се осврна на пописот дека сепак е статистичка операција.
„Пописот е дефиниран и се нарекува статистичка операција, за жал, во Република Северна Македонија на некои субјекти не им изгледаше така. Во последно време бевме сведоци на интензивни кампањи. Додека дел од граѓанските организации и ние како власт се обидувавме да ја разбиеме таа магла дека пописот ќе биде политизиран, дел од опозициските партии, најмногу ВМРО-ДПМНЕ, се обидуваше тоа да го претстави како политички договор. Веднаш ќе нагласам дека нема никаков политички договор во делот на спроведувањето на пописот“, изјави Петровска.
„Мислам дека опозицијата треба да размисли каква политика водат. Деструктивните процеси кои им беа главна политика, мислам дека треба малку да ги подзаборават. Ме радува средбата вчера, не заради одложувањето на пописот, туку затоа што лидерите седнаа и се договорија дека треба да имаме конструктивност… Конструктивна дебата подразбира соочување на аргументите, а не на нашите политички ставови. Кога имате тема како попис не може да дебатирате во партиско-политичка конотација, можете да зборувате само со факти и со аргументи“, изјави Петровска.
„Мислам дека опозицијата во последниот период премногу беше сместена во своите ровови, според мене, водејќи непотребна битка што не доведе до ваква ситуација. Периодот што ни претстои треба да го искористиме за поголема дебата меѓу нас, за поголемо согледување на состојбите и ако секој помалку од своите цврсти позиции би се повлекол поназад мислам дека ќе дојдеме до вистинското решение и до компромисот кој што е за добро на граѓаните, кои нели, не бираат на крајот на краиштата“, истакна Петровска во контекст на одложувањето на пописот и локалните избори и она што му претстои во наредниот период на Собранието.
Одложувањето на пописот, уште еднаш потенцираше Петровска, е со цел да не се дополнително вознемири населението дека се спроведува во време на пандемија.
Професорката Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, на панелот на ЦИВИЛ, „Попис: Статистика, не политика“ праша - зошто е одложен пописот?
„Мене ми е нејасно, зошто е одложен пописот, дали е одложен поради пандемијата бидејки однесувањето на граѓаните не покажува дека постои страв од пандемија. Можеби пописот се одложи поради лошиот Закон и методологија за одржување на попис, но очигледно причината не е Законот за попис, бидејќи веќе се собрани илјадници податоци од дијаспората и би било нелогично сега да се менува методологијата на собирање на податоци“, истакна професорката Мирјана Најчевска.
„Овој момент е проблематичен, бидејќи пописот е статистичка и важна операција, но неспорно е дека оваа операција кај нас е политичка операција. Од чисто статистичка се претвори во чисто политичка операција. Ваквата деформација се случи многу поодамна со промена на Уставот врз основа на Рамковниот договор и каде што бројките беа поврзани со правата на граѓаните. Секое пребројување станува политичка акција.Навистина не знам како политичките партии ќе ги убедат граѓаните дека пописот е статистичка, а не политичка операција кога двајца политички лидери седнаа на маса и се договорија за одложување на пописот“, вели Најчевска.
„Не смее Собранието да биде слуга на политичките партии, и треба да ја преземе улогата оваа статистичка операција да не се претвори во политичка. Треба да целиме да се прави целосно електронски попис со вкрстување на податоците. Доколку пописот се одржи во септември нема шанси да се прочитат избирачките списоци, ниту да се сменат бројките кои се употребуваат во изборите, а ние ќе имаме избори веќе во октомври“ истакна Најчевска.
Професорката Најчевска истакна дека актуелната власт требаше многу порано да направи попис за да се избегнат сите проблеми со кои се соочуваме. Таа додава дека изборите, референдумот и слично не се оправдување зошто досега не се спроведе попис, бидејќи и оваа година имаме избори, а сепак ќе се спроведе попис.
„Статистичката операција не е партиотизам, таа не е врзана со емоции туку со бројки и податоци, кога имаме политичка пропаганда не може да имаме статистичка акција“, истакна Најчевска.
Таа додаде дека во светот проблеми со пописот каде се бараат решенија како да се дефинира стапката за расана определба.
Главниот и одговорен уредник на „Капитал“, Љупчо Зиков, зборуваше за пописот од економска гледна точка. Заблагодарувајќи се на поканата да учествува на ваква панел-дискусија, Зиков истакна дека му е многу драго што на економијата професионално и се дава простор да каже што мисли за целата ситуација со пописот, бидејќи малку се остава простор да се зборува за пописот од економски аспект.
„Во 30 години, во Македонија, политичарите како да не се свесни за многу битни работи. Една од можеби најбитните работи со кои оперираат политичарите во своите кампањи е населението. Кому се обраќаат тие луѓе? На кому му праќаат пораки? Кому ќе му го разубавуваат животот во следните години на мандатот итн. За жал, македонските политичари не ја сфаќаат смислата на постоење на една политичка сцена во една држава. Политичката сцена ниту постои заради нив и нивните кариери и нивните животи, и не сфаќаат една работа дека смислата на постоење на политичка сцена, особено во демократија, е да им служат на граѓаните во неколку најважни области, а тоа е животниот стандард, економскиот просперитет, инфраструктурното подобрување на државата како таква, кои се само неколку аспекти за кои пописот е битен“ рече Зиков.
Според Зиков, 3 клучни постулати се важни.
„Податоците од пописот се база за носење стратешка економска политика на Владата. Битно е и кај компаниите и физичките лица за водење деловна политика. Под деловна политика подразбирам, не само деловната политика на компаниите и на фирмите, туку и стратешки промислувања на физичките лица во државата. И трето, пописот е битен и за водење на партиски политики. Ќе направам една директна аналогија и поврзаност со годината во која денеска живееме. Ние имаме локални избори во октомври. Јас ги прашувам лидерите на партиите: како ќе ги прават своите политички програми спрема локалното население, во делот на економските програми? Пример, сакаат да градат спортска сала. За колку луѓе треба да се направи таа сала? Треба ли да имаме податок колку луѓе де факто ќе одат на спортски натпревари?“, вели Зиков.
Конкретно за пописот, Зиков објаснува дека е многу важно со што располагаме ние на терен. Така се форматираат економските програми во делот на политичките програми на партиите. Тој вели дека ако партиите не се свесни за тој момент, дека им треба ресурс за да ги направат своите политички програми, тогаш на кој начин тие би му се обраќале на локалното население. Граѓаните на локално ниво очекуваат политичката сцена да им се обрати со проекти, врз основа на статистички податоци.
„Зошто е битен пописот? Кога една компанија инвестира во нов погон, таа мора да знае колку луѓе се потенцијалниот пазар на компанија? Знаат ли компаниите колку производи треба да произведат за да го задоволат пазарот? Современото име на граѓаните е потрошувачи. Ние освен што треба да си ги преброиме граѓаните како такви, треба да си ги преброиме потрошувачите, кои имаат свои навики. Затоа пописот статистичка операција, бидејќи тоа е ресурс во рацете на компанијата каде што многуте компании во Македонија го билдаат бруто општествениот производ на економијата. Тој аспект никој не го анализира и размислува, бидејќи 80% од прашањата во прашалниците за пописот, директно или индиректно помагаат на економско-општествената сцена во Македонија. Третиот аспект е носење на државни и економски стратешки политики. Пописот мора да се направи. Хипотетички да кажеме дека нема да се одржи годинава пописот. Подоцна тоа ќе биде најголемиот срам за државата кога ќе треба да го правиме тоа под силен притисок на ЕУ“.
Тој во своето завршно обраќање истакна дека попис мора да имаме, но дека попис не поддржан од еден слој од граѓаните е нерелевантен попис.
*
Собранието со 95 гласа за и 7 против ја изгласа потребата за измена на Законот за попис по што претседателот на Собранието ги овласти претседателите на комисиите да закажат седници. Каков и да биде понатамошниот епилог до следниот старт на пописот во септември, ЦИВИЛ ќе продолжи будно да ги следи сите активности поврзани порцесот, останувајќи и промовирајќи го ставот дека пописот е статистичка операција и не треба да се злоупотребува за политички цели.
Дехран Муратов