Сè што треба да знаете за Избирачкиот список

Изборните процеси во Република Северна Македонија секогаш имаат тенденција на низа нерегуларности што во најголем дел се врзани со Избирачкиот список, како вид на регистар по кој се води Државната изборна комисија кога на изборниот ден одредува кој има право на глас. ДИК е единствено надлежна за ажурирање на Избирачкиот список.

Избирачкиот список во Изборниот законик е дефиниран како јавна исправа што се води за целата територија на државата врз чија основа се спроведуваат изборите и референдумите на државно и локално ниво. Тој се води според Регистарот на државјаните, во вид на регистар на избирачи со автоматска обработка на податоците. Тоа подразбира дека ажурирањето на Избирачкиот список ДИК го врши во соработка со другите надлежни органи како МВР, МИОА, судските органи, што располагаат со регистри по различни основи.

Избирачкиот список содржи податоци на граѓанките и граѓаните што покажуваат дека наполниле 18 години живот, имаат деловна способност, постојано престојувалиште во изборната единица, општината или Град Скопје каде се врши изборот. Што се однесува до државјаните што на денот на изборите се на привремена работа или престој во странство, a се запишани во Избирачкиот список врз основа на евиденцијата од надлежниот орган и пријава за гласање, имаат право на глас за избор на претседател на државата и избор на пратеници во Собранието во дипломатско – конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, односно конзуларни канцеларии.

Она што исто така е битно за граѓаните ДИК врши запишување, дополнување и бришење на податоците во Избирачкиот список, најчесто додека трае јавниот увид во истиот иако според Изборниот закон имаат право во текот на целата година да вршат проверка на податоците. Во принцип, граѓаните сами пријавуваат во некои од поддрачните одделенија и канцеларии на ДИК.

За гласачите е битно да знаат дека ДИК е надлежна според Изборниот законик да ги заштити податоците од Избирачкиот список кои не смеат да се употребуваат за ниедна друга цел, освен за остварување на гласачкото право на граѓаните. Законот предвидува регистрираните политички партии, коалициите и независните кандидати, односно овластените претставници и нивните заменици на подносителите на листа на кандидати не можат да ги користат избирачките списоци на денот на изборите за евидентирање на лицата кои гласале.

Токму овој дел од Изборниот законик најчесто и се прекршува на денот на гласање. Според искуството на ЦИВИЛ, секој трет набљудувач пријавува евиденција на гласачи од претставниците, најчесто набљудувачи, на политичките партии, внатре во гласачкото место или пак надвор од него.

Но, најголемиот проблем и најголемите неправилности со Избирачкиот список се случуваат многу порано, токму во времето додека трае јавниот увид. Тогаш, најголемиот дел од пријавите на граѓаните се однесуваат на таканаречените фантомски гласачи.

Фантомски гласачи се, наједноставно кажано, се имиња и презимиња на луѓе што не постојат, никогаш не постоеле или ако постојат не се знае кај се, на адресата на живеење на постојан гласач. Фантомите од надлежните институции се објаснети како системска грешка, грешка на самите граѓани што не се одјавиле од претходното место на живеење, намерна манипулација со Избирачкиот список од претходната власт, режим, структура на одредена институција од која ДИК ги добива податоците…

Но, дури и да е така, граѓаните обично се соочуваат со проблемот од бришење на тие фантомски гласачи од Избирачкиот список. ДИК иако е надлежна за ажурирање на Избирачкиот список, нејзините ингеренции се само на лични податоци на гласачите, но не и на други лица што можеби, а можеби и не живеат на иста адреса со гласачот кој пријавува.

Поради тоа, гласачите најголемиот проблем во заштитата на гласачкото право го имаат уште на старт, со Избирачкиот список, кога се принудени самите да ги решаваат грешките на институциите или на системот.

Во делот за евиденција на избирачкото право во Изборниот законик гласачите можат да се запознаат и повеќе за начинот на приговори и рокови во случај на негативно решавање по основ на нивната пријава за запишување, бришење или промена на податоците во Избирачкиот список.

Б. Јордановска


Со цел да придонесе кон јакнење на јавната свест за правото на глас, како и за нерегуларностите во изборните процеси, ЦИВИЛ започна со серија едукативни текстови за различни аспекти на изборните процеси. 

Граѓанките и граѓаните што имаат информации за кршење на правото на глас, злоупотреби, притисоци и други нерегуларности во текот на изборниот процес, можат да пријават на онлајн формуларот Слободни избори или да контактираат со ЦИВИЛ на [email protected], во инбокс на ФБ страницата на ЦИВИЛ или да се јават на 02/5209176.