Панел дискусии на ЦИВИЛ: „Социјална правда и дискриминација“ и „Попис: Помеѓу политиките и статистиките“

ЦИВИЛ во рамките на Фестивалот на Слободата организира две панел дискусии, првата е насловена  „Социјална правда и дискриминација: Премногу луѓе на маргините на општеството и политиката… До кога?“, со почеток во 12 часот, додека другата панел дискусија е со наслов „Попис: Помеѓу политиките и статистиките“ која ќе почне во 15 часот, во хотелот Парк Резиденс.

На првата панел дискусија како говорници ќе учествуваат Мирјана Најчевска, унивезитетска професорка, Елис Шаќири од Ромалитико и иницијативата АВАЈА и Љуљета Адеми, активистка и советничка во кабинетот на претседателот Пендаровски задолжена за односи со лицата со посебни потреби. Панел дискусијата ќе ја модерира Дехран Муратов.

Вториот панел ќе се одржи со физичко присуство на учесниците, со строго придржување кон протоколите за заштита од Ковид-19. Учесници на панелот ќе бидат Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, актуелниот директор на Заводот за државна статистика, и Џабир Дерала од ЦИВИЛ. Панелот ќе го модерира Дијана Тахири од ЦИВИЛ.

Последниот попис во земјава беше спроведен во 2002 година, додека обидот за попис во 2011 година беше неславно прекинат заради политизација на процесот. Новата влада планира попис во април 2021 година. Веќе се подигнати напнати и исполитизирани дискусии на оваа тема, а со отворена дискусија на панелот, ЦИВИЛ ќе придонесе кон потребата од напуштање на политиката надвор од статистиката.

Панел дискусиите ќе бидат емитувани во живо на Фејсбук страницата, како и YouTube видео каналот на ЦИВИЛ кој ги поканува медиумите и сите заинтересирани да ја следат и слободно да преземаат содржини кои произлегуваат од панел дискусијата.

Настанот е организиран во рамките на Фестивалот на слободата кој започна на 25 ноември, кога организацијата работно одбележа 21 година од постоењето. Во временскиот период на одржување на Фестивалот, влегуваат и Меѓународниот ден на правата на лицата со посебни потреби (3 декември) и Меѓународниот ден на борбата против корупцијата (9 декември).

Настаните се дел од проектот „Европа е наш дом“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Фестивалот на слободата е мултимедијален настан во рамките на проектот „Граѓански објектив“, поддржан од National Endowment for Democracy (САД), како и од Програмата Цивика Мобилитас, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

This post is also available in: Albanian