Петровска: За пописот да се дебатира само со факти и аргументи, не во партиско-политичка конотација

„Пописот е дефиниран и се нарекува статистичка операција, за жал, во Република Северна Македонија на некои субјекти не им изгледаше така. Во последно време бевме сведоци на интензивни кампањи. Додека дел од граѓанските организации и ние како власт се обидувавме да ја разбиеме таа магла дека пописот ќе биде политизиран, дел од опозициските партии, најмногу ВМРО-ДПМНЕ, се обидуваше тоа да го претстави како политички договор. Веднаш ќе нагласам дека нема никаков политички договор во делот на спроведувањето на пописот“, изјави Славјанка Петровска, пратеничка во Собранието и член на СДСМ, на панел-дискусијата на ЦИВИЛ: „Попис: Статистика, не политика“.

„Мислам дека опозицијата треба да размисли каква политика водат. Деструктивните процеси кои им беа главна политика, мислам дека треба малку да ги подзаборават. Ме радува средбата вчера, не заради одложувањето на пописот, туку затоа што лидерите седнаа и се договорија дека треба да имаме конструктивност… Конструктивна дебата подразбира соочување на аргументите, а не на нашите политички ставови. Кога имате тема како попис не може да дебатирате во партиско-политичка конотација, можете да зборувате само со факти и со аргументи“, изјави Петровска.

Таа нагласи дека од позиција на граѓанин, навистина ѝ е жал што се фрли сенка врз Државниот завод за статистика, како институција во која работат професионални и чесни службеници.

„Мислам дека опозицијата во последниот период премногу беше сместена во своите ровови, според мене, водејќи непотребна битка што не доведе до ваква ситуација. Периодот што ни претстои треба да го искористиме за поголема дебата меѓу нас, за поголемо согледување на состојбите и ако секој помалку од своите цврсти позиции би се повлекол поназад мислам дека ќе дојдеме до вистинското решение и до компромисот кој што е за добро на граѓаните, кои нели, не бираат на крајот на краиштата“, истакна Петровска во контекст на одложувањето на пописот и локалните избори и она што му претстои во наредниот период на Собранието.

„Подоцна кога ќе ги видиме бројките не само за етничката припадност, не само за тие што се овде или не се, туку кога ќе ги видиме сите бројки што ќе произлезат од спроведувањето на пописот во целост, тогаш ќе може да се донесат многу подобри и поконструктивни политики, односно одлуки во различни политички и општествени сфери. Затоа она на што инсистиравме зошто пописот е битен е да направи ажурирање, апдејтирање на сите бази на податоци, да се направи пребројување на населението, на економските капацитети со кои располагаме и сите други статистички податоци и информации кои нам ни се потребни“, истакна Петровска.

Одложувањето на пописот, уште еднаш потенцираше Петровска е со цел да не се дополнително вознемири населението дека се спроведува во време на пандемија.

Биљана Јордановска

камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети