Со зборовите „ајде сега“ родителот Гоце Панговски го натера и злоупотреби за политички цели својот малолетен син да викне „никогаш Северна само Македонија“, додека покрај нив поминуваа претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Георгиевска, на манифестацијата „Галичка свадба“ што се одржа изминатиот викенд.
„Еден поздрав од мене и моите синови на денешната галичка свадба за т.н. „претседател“ карикатурата Пендаровски НИКОГАШ СЕВЕРНА- САМО МАКЕДНОНИЈА“, објавил Панговски.
Оваа објава е споделена околу 150 пати и има над 50 коментари. Дел од коментаторите го подржуваат родителот и детето во „патриотскиот“ чекор, додека поголемиот дел од коментарите се дека се работи за злоупотреба на деца за политички цели.
За овој „херојски подвиг на Панговски“ објави потралот „Expres.mk“, а објавата е споделена со неколку профили блиски до полтичките партии ВМРО-ДПМНЕ и „Левица“, меѓу кои и Чиз (@C4i7Z), Апсаана (@aps_aana), Ганка Цветанова и други.
ЦИВИЛ најостро ја осудува злоупотребата на децата и малолетниците за политички цели. Според Член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување. Давањето инструкции на дете да изјавува политички пораки на јавен настан е типичен пример за тоа. ЦИВИЛ уште еднаш ги повикува институциите да реагираат и да ги санкционираат сите што ги вовлекуваат децата во политиката на било кој начин.
СТОП за политичката злоупотреба и индоктринација на децата! ЦИВИЛ ги потсетува политичките партии, родителите, медиумите и институциите дека секое дете, без никаков исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата. Тие имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневно политичките случувања.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ