Кандидатот за градоначалник на општина Штип, Симон Поликарп – Џими, од Интегра, вчера на панел дискусијата на ЦИВИЛ за предвремените локални избори закажани на 13 декември, му се заблагодари на Господ за можноста што му ја укажа да се трка за градоначалник на Штип.
„Од почетокот на кампањата одржуваме средби со минимилизиран број на граѓани, и делиме флаери со нашата изборна програма. Штипјани знаат кој е Џими и нема потреба да правам голем напор да се претставувам кој сум и што сум“, истака Поликарп.
Поликарп нагласи дека доколку стане градоначалник за 10 месеци колку што би му траел мандатот, ќе изгради концертна сала, бидејќи според него „фестивалот Макфест заслужува да се одржува во таква убава и модерна концертна сала“.
„Кога би имале убава концертна сала тогаш би доаѓале светски познати музичари и ќе се развива туризмот во градот.
Во слободната текстилна зона ќе се изгради фабрика и облеката ќе се дистрибуира под називот „маде ин Македонија“ и со гордост ќе се фалиме дека тоа е наше производство.
Тој ветува изградба на Агроберза со сопствена зграда каде што сите земјоделски производи од источниот регион ќе може таму да се складираат, а потоа да се пласираат на пазарот.
Планираме да изградиме градски модерни порти во влезот и излезот од градот“, истакна Поликарп.
Тој најави дека ќе изгради велосипедски патеки во Штип, а преку нивната Фондацијата ќе се делат бесплатни велосипеди на сите граѓани кои немаат средства да си купат сами велосипеди.
Поликарп вели дека во времето на Југославија во Штип имаше многу студенти од надвор, особено од Африка и токму тие што завршиле факултет во Штип денеска во нивните држави се на значајни функции и му нудат помош и соработка доколку стане градоначалник на Штип.
Поликарп ветува дека еден денар нема да фали во буџетот ако штипјан(к)и му ја дадат довербата да го води градот во наредните 10 месеци.
Панел дискусијата беше во рамки на Фестивалот на слободата во организација на ЦИВИЛ, по повод Меѓународниот ден на човековите права.
Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Горан Наумовски