Заев: Гласот на граѓанинот е сржта на демократијата

Премиерот Зоран Заев, денеска преку видео порака им се обрати на учесниците и присутните на Конференцијата за изборни реформи „Перспективите на македонските избори“ која ја организира ЦИВИЛ – Центар за слобода и изрази увереност дека од дискусијата ќе произлезат конструктивни насоки за законската и институционалната рамка за изборниот систем, кои Владата ќе ги проследи со посебно внимание.

Во продолжение, целосното обраќање на премиерот Заев.

„Почитувани организатори и учесници на конференцијата за изборни реформи „Перспективите на македонските избори“, ми претставува посебна чест што ми е дадена можноста да ви се обратам и да ја поздравам работата на вашата конференција.

Уверен сум дека од вашиот придонес ќе произлезат конструктивни насоки за законската и институционалната рамка за изборниот систем на транспарентна и инклузивна основа.

Бидете уверени дека јас, како премиер, и Владата на Република Северна Македонија со најголемо внимание ќе ги проследиме и анализираме согледувањата коишто ќе дојдат од сите вас. На тоа не обврзуваат и препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, кои за оваа тема беа во насока да се отвори сеопфатна дебата.

Доказ за нашите заложби да се внесат што е можно повеќе демократски решенија во изборниот систем е и нашата соработка со граѓанскиот сектор и со меѓународната заедница на која сме и благодарни за големата техничка и финансиска поддршка на овие процеси. За овие процеси да бидат навистина успешни, треба сите партии кои се застапени во Собранието да покажат подготвеност да учествуваат во овие реформи. Важен е гласот и на помалите вонпарламентарни партии. Секој конструктивен глас треба да биде слушнат.

Како и секогаш, отворени сме за дијалог во полза на максимално демократизирање на изборните процеси во Република Северна Македонија. Низ дебата и анализи да ги добиеме најдобрите насоки за модел и законски решенија кои ќе бидат најсоодветни за да ја зајакнеме парламентарната демократија со народни претставници кои ќе ги застапуваат интересите на различните заедници во нашата земја.

Гласот на граѓанинот е сржта на демократијата. А учеството на граѓаните во донесувањето на одлуки се реализира преку претставници избрани на избори. Оттука, важно е изборот да биде што порепрезентативен и исклучиво согласно волјата на граѓаните.

Уште еднаш упатувам честитки за организацијата на конференцијата и успешна и плодотворна партиципација на сите учесници“, порача Заев.

М. Ивановска

This post is also available in: English