Филипче: Од вкупно 555 заболени, 52 се здравствени работници

Од вкупно 555 заболени од коронавирусот во државава, 52 (9,5 проценти) се здравствени работници. Заболени здравствени работници за жал има и во многу земји во светот. Тие се во непосреден контакт со пациентите. Од нив 34 се заболени во болнички, односно во амбулантски услови, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Со оглед на тоа што некаде има заболени и лекари, тука е компромитирана работата, рече Филипче и како пример го посочи Инфективното одделение во Куманово, каде во функција се двајца други интернисти од Скопје и од Штип кои ја организираат работата на одделението.

Тој им порача на здравствените работници максимално да ги почитуваат протоколите кои ги има од самиот почеток на пандемијата, да се штитат во и надвор од работните места, затоа што нивната улога, нивното здравје е од примарно значење во овој момент во државата.

– Здравјето на нацијата и многу животи зависат од здравствените работници. Така ќе превенираме епидемија од поголеми размени, така ќе останат здрави тие што се здрави, ќе се бориме против вирусот и ќе ги излечиме сите кои се заболени, потенцира Филипче.

Осврнувајќи се на денешните податоци, информира дека на Клиниката за инфективни болести почина 63-годишен маж од струшкото село Лабуништа донесен со тешка клиничка слика, бројни коморбидитети, како и уште едно лице од Куманово во ГОБ „8 Септември“, потврден за позитивен на коронавирусот на 1 април. Од Клиниката по два контролни теста, појасни, денеска заминуваат дома тројца пациенти во добра општа состојба, а дополнителни тестови се чекаат за четворица пациенти кои доколку се негативни по втор пат утре ќе бидат пуштени дома.

– Во изминатите 24 часа се регистрирани 72 нови случаи со коронавирус во земјава и тоа во Скопје – 14, Куманово – 21, Штип – 1, Прилеп – 9, Тетово-12, Струга- 1, Велес – 1, Битола – 2, Гостивар – 1, Радовиш – 1, Крушево – 2, Кочани – 7. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 изнесува 555 лица. Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во Скопје – 235, Куманово – 114, Дебар – 49, Штип – 19, Прилеп – 33, Тетово – 29, Струга – 24, Велес – 10, Битола – 6, Охрид – 3, Кавадарци –2, Гостивар – 4, Гевглелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка – 2, Радовиш – 3, Крушево – 2 и Кочани – 14, рече Филипче.

На Инфективната клиника во овој момент, истакна министерот, се хоспитализирани 74 пациенти, 15 се со тешка манифестација на болеста, а другите се со средно тешка состојба и се во добра општа кондиција.

Посочи дека на интензивните состаноци во текот на вчерашниот и денешниот ден било дискутирано и почнала имплементација на стратегиите за вклучување и на другите капацитети за третман на пациенти.

– На Клиниката за инфективни болести, покрај тоа што има слободни кревети на одделение во самата зграда, веќе во функција ќе се стави мобилната болница која е целосно инсталирана. Недостига уште сувата врска со Клинкката. Доводот на воздух, греење и ладење е поставено од Армијата. Во однос на пристапот за третман на пациентите нашиот став останува ист, а тоа се заклучи на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести, пациентите кои имаат лесна форма на болеста се третираат во домашни услови, а средно тешки и тешките случаи на Клиниката за инфективни болести, рече Филипче.

Од вчера, потенцира, во функција е ставена и ГОБ „8 Септември“, која досега беше наменета за пациенти кои беа суспектни или позитивни на коронавирусот, а им беше потребна друга здравствена услуга како хирушка интервенција, или во ангиографска или ендоскопска сала, тоа сега се уште останува така.

Но, доколку треба, како што појасни, ќе се користат и креветите на располагање под контрола на интернистите и инфектолозите за хоспитален третман, доколку е потребна помош на персоналот на Клиниката за инфективни болести, каде се на располагање 110 кревети, дополнителни 130 во мобилната болница, а во ГОБ „8 Септември“ вкупно 400 кревети.

– Целосно е активиран и механизмот на поддршка на колегите од страна на лекари и медицински сестри како од клиниките, така и од другите јавно здравствени установи ширум државата по систем на ротација да ги поддржат вработените во овие центри посветени само на третман на пациенти со коронавирусот. Целосно е подготвена болницата во Битола, каде има анестезиолози, инфектолози и медицински сестри и еден целосно и физички одделен дел да биде и регионален центар за пациентите кои доаѓаат од тој дел на земјата. Има и респираторни машини и места за интензивна нега. Вкупната бројка на кревети е 35 со можност да порасне до 100 во зависност од бројот на пациенти, рече Филипче.

Тој рече дека во рамките на Министерството за здравство е отворена посебна наменска сметка за донации и се пристигнати околу 500.000 евра кои ќе бидат наменети за набавка на опрема или материјали во врска со третманот на пациентите.

– Бројни донатори донираа опрема како респиратори, рендген апарати, бронхоскопи, маски итн., се што е потребно за третман на овие пациенти. Станува збор за милион парчиња заштитна опрема, како и потребните лекови кои соодветно после индикација се дават на пациентите. Со оглед на недостигот од медицинска опрема во светот, оваа недела ја повторуваме постапката за набавка на респираторни машини со што сега предност даваме на времето во кое би стигнале во нашата земја, додаде Филипче.