Перо Наумовски: Реализација на Концептот за развој на зимскиот туристичко-рекреативен комплекс Попова Шапка

Повикот на ЦИВИЛ до своите членови, поддржувачи, соработници и сите заинтересирани граѓанки и граѓани да учествуваат во новата акција: Граѓански форум за учество во креирање на владините политики допре до голем број граѓанки и граѓани, активисти и поддржувачи на организацијата. На нашите електронски адреси веќе пристигнаа голем број пораки со артикулирани барања до идната влада, коишто ќе ги објавуваме во наредниот период на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

Граѓанскиот активист и соработник на ЦИВИЛ, Перо Наумовски, пишува:

По многу стручни дебати , скапо преплатени експертизи , безброј мастер планови и изгубени не години туку децении, очекувам конечно новата влада предводена од Зоран Заев да го реализира Концептот за развој на Шарпланинскиот масив.

Шарпланинскиот масив претставува најголем природен и општествен ресурс , природно богатство и најголем економски потенцијал за развој на државно , регионално и локално ниво.

Шарпланинскиот масив во поширок аспект  го опфаќа просторот од Љуботен па преку Попова Шапка и Јелак  се до Бистра и Маврово и припаѓа на Полошкиот плански регион.

Реализацијата на Концептот за развој на Попова Шапка да биде прв приоритет и прва фаза од долгорочниот стратегиски развој на Шарпланинскиот масив во рамките на Полошкиот плански пегион.

Носител на реализацијата на развојниот проект да биде Владата преку ресорните министерства , Агенцијата за регионален развој во соработка со Полошкиот плански регион и општината Тетово.

За таа цел владата да формира институција која би била составена од експерти а тоа може да биде Дирекција , Постојано координативно советодавно тело на Владата,Јавно претпријатие или некој друг облик. Задача на ова тело би било непосредно ,перманентно , стручно ,компетентно , одговорно ,професионално и транспарентно да ги координира сите активности во реализација на проектот.

Реализација на концептот би се одвивала во три фази.

Првата фаза би ја опфатила изработката на сите потребни акти и документи и одлуки за формирање  и статусот на владиното тело како и определување на неговите овластувања и надлежности. Оваа фаза може да се реализира за 2-3 месеци од формирање на владата.

Втората фаза би опфатила превземање на хитни и конкретни чекори  за подготовка на новата зимска сезона со постојните ресурси и можности.Оваа фаза би траела 6 месеци . Носител на оваа фаза би било веќе формираното владино тело. Во оваа фаза паралелно со реализација на зимската сезона истовремено би се изготвила и долгорочна стратегија за развој на Шарпланинскиот масив.За оваа цел би се искористиле бројните студии кои се веќе изработени а би се користеле и досегашни позитивни искуства од соседството и пошироко. Оваа фаза би траела 6 месеци и би завршила со донесување на владина одлука за реализација на развојните документи.

Третата фаза би била конкретна реализација на развојниот концепт кој би требало да трае 3-4 години или до завршување на мандатот на оваа влада. Искуствата од соседните држави , Бугарија со Банско и Боровец , Србија со Копаоник, Стара планина и Златибор, БиХ со Јахорина се најдобра потврда дека вака амбициозни развојни проекти со големи ефекти можат да се постигнат за 3-4 години.

Кои би биле ефектите од реализација на овој проект ? Големи би биле ефектите и на државно а особено на регионално и локално ниво.

Основен и најважен ефект е рентабилноста на проектот. Огромен е потенцијалот за развој на зимскиот туризам, семејниот туризам , еко туризмот, планинскиот туризам,туризмот на екстремните спортови и др.

Се работи за локалитет кон кој гравитираат еден милион потенцијални посетители кој благодарение на одличната сообраќајна инфраструктура е достапен за само 30 до 60 мин. од  Тетово, Гостивар, Скопје, Куманово, Велес. Аеродромот во Скопје е само 80 км оддалечен и достапен само за 60 минути што претставува голема предност во привлекување на странски туристи. Безбедно и брзо сообраќајно решение со добра организација може да обезбеди голем број посетители , туристи , скијачи само во текот на еден ден. Потенцијалите се големи.Квантитативни анализи можат да се направат брзо и едноставно.

Во контекст на можностите, со успех , комплементарно можат да се искористат и веќе постојните капацитети во хотелско-угостителската дејност во Тетово како и понудата за забава и разонода во вечерните  часови. На тоа посебно треба да поработи локалната власт во Тетово.

Развојните можности се огромни , треба само да се искористат природните богатства и ресурси кои ни се на дофат во непосредната околина.

Државата преку овој проект ќе обезбеди пораст на економијата , поголема вработеност,  порамномерен регионален развој, на комплементарните дејности и помалку млади ќе ја напуштаат државата.

Полошкиот плански регион ќе обезбеди одржлив економски развој, поголема вработеност , повисок животен стандард и поквалитетни услови за живот, поздрава животна средина а Тетово може да стане центар на зимскиот туризам во регионот.

Доколку се реализира успешно овој проект , а се надевам дека тоа може да се реализира со големо залагање и посветеност, Шарпланинскиот масив може да биде Тирол на Балканот а Тетово да постане балкански Инсбрук.

П.С. Го молам идниот премиер Зоран Заев да го побара материјалот што му го достави на состанокот со делегацијата од Здружението за спас на Попова Шапка пред една година претставникот од Скијачкиот клуб Љуботен, веројатно одложен некаде по фиоките од премиерското биро и да најде време да го прочита ако веројатно до сега не нашол слободно време. Има само неколку страници.