Опкружување на проектот „Граѓански објектив“

(Извештај за состојбите, Ние сме медиумите, 2. дел)

Република Македонија страдаше од долготрајна деструктивна политичка криза. Политичката криза беше прекината со неколку безбедносни предизвици, меѓуетнички и меѓурелигиозни тензии и инциденти, политичко насилство, како и социјална и економска состојба која се стеснуваше во земјата. Земјата страдаше од заробување на државата, особено изразена од 2008 година. Изборите во декември, 2016 година, донесоа промена на владата која се заокружи по пет месеци, по долга низа настани и насилство што дополнително можеше да ја влоши целокупната ситуација во земјата. Самиот процес на формирање на новата влада беше пропратен со жестока кампања од страна на опозицијата, пораст на национализмот, како и насилен упад во зградата на парламентот на 27 април, кога се изврши обид за убиство на неколку пратеници, вклучувајќи го и животот на политичките лидери на, сега владејачката, СДСМ и на Алијансата за Албанците. Предизвиците не се надминати.

Во текот на првата половина од 2017 година, се забележува дека политичките и финансиските центри на моќ сé уште ја држат земјата заробена на повеќе начини, особено на локално ниво. Ова можеше и требаше да биде очекувано. Државата и сите нејзини институции, целокупната економија, како и општеството и медиумите се третирани како приватна сопственост на тесен круг на луѓе. Ваквото однесување на центрите на моќ е исклучително тешко да се искорени. Треба да се вложат огромни напори и време за да се излечи земјата од широко распространетата политичка корупција и за да се направат институциите ефикасни, ориентирани кон граѓаните, транспарентни и одговорни. Наследството на македонската млада демократија е прилично мрачно. Полицијата, инспекциите и судството беа главните алатки што се користеа за заплашување и вршење притисоци. Тие институции беа првата линија на одбрана за високите политички, бизнис и медиумски моќници.

Денес, голем број од нив се осомничени за сериозни криминални дела, за злоупотреба на власта, прислушување на огромен број граѓани, корупција и изборни измами, откако започна истрагата на Специјалното јавно обвинителство во 2015 година. Заробувањето на државата доведе до сериозно и континуирано кршење на човековите права, како и до систематска дискриминација. Говорот на омраза и јавната стигма против активистите за човекови права и независните интелектуалци беа широко распространети и сé уште се присутни во јавниот дискурс.

По доаѓањето на новата влада, постои тренд на говор на омраза и против актуелната влада и против поддржувачите на претходната влада, што сега, пак, претставува нов предизвик за кревките политички процеси во земјата. Со затворањето или со сериозната корумпираност на медиумите, како и со притворот на новинари, партијата која што ја водеше претходната власт сериозно ја погоди слободата на изразување. Злоупотребата на власта, структурното насилство и изборните измами станаа очигледни и докажани карактеристики на земјата. Честите предвремени изборни процеси, исполнети со сериозни нерегуларности и изборни измами, кои сега се под истрага на Специјалното јавно обвинителство, дополнително ја влошија состојбата. Политичката корупција, структурното насилство и дискриминаторните политики и практики беа широко распространети и малку е веројатно дека лесно ќе исчезнат по смената на власта. Во изминатите неколку години, ЦИВИЛ бележи зголемен број на случаи на притисоци и напади врз новинари, активисти за човекови права и врз оние кои не се истомисленици со главните политички центри на моќ. Сето ова доведе до сериозно влошување на состојбата со човекови права во земјата и влијаеше на секојдневниот живот на граѓанките и граѓаните. Стеснувањето на граѓанскиот простор продолжи понатаму, не оставајќи никакви можности за граѓанско учество и слобода на изразување кои се гарантирани со Уставот на земјата и со меѓународните стандарди.

Состојбата со граѓанското општество и медиумите е катастрофална и остави длабоки поделби меѓу луѓето воопшто, а е генерирана од однесувањето на медиумите, кои во голем дел се под контрола на поранешните владејачки партии и нивните бизнис соработници. Помал број медиуми беа под значително влијание на опозициските партии и не успеаја да го избегнат ризикот да станат некритични апологети на новата влада. Така, просторот за пренесување слободни и независни информации во јавноста остана прилично тесен. Информациите ги замени пропаганда од двете политички завојувани страни во земјата. Стигматизацијата и јавното дискредитирање претставува секојдневна рутина кај медиумите и социјалните мрежи.

Ова е јасна илустрација за тоа колку е длабоко поделено општеството, поради долготрајното криминално однесување на поранешните владејачки партии и мошне слабите капацитети на останатите политички и општествени структури за обнова на демократијата и владеењето на правото во земјата.

Сé на сé, многу е тешко да се сретнат граѓански активности и медиумски содржини во земјата кои се потполно независни од политичко мешање. Граѓанското општество и медиумите имаат намалени можности за обезбедување објективни информации за да послужат како граѓански едукативен ресурс за конструктивна размена и дијалог во општеството. Општеството има потреба од вистински граѓански ориентирани, целосно отворени, објективни и слободни граѓански и медиумски платформи за да придонесат кон надминување на долготрајните превирања во земјата

This post is also available in: English