Онлајн анкета на ЦИВИЛ за граѓанското новинарство

Како дел од проектот „Граѓански објектив“ што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува веќе втора година, од денеска, ЦИВИЛ ја започнува новата онлајн анкета за граѓанско новинарство.

Истражувањето за граѓанското новинарство има за цел да ја детектира довербата на граѓанките и граѓаните во медиумите, како и да дознае колку јавноста се информира за дневно-политичките случувања во земјата преку традиционалните медиуми, а колку од социјалните мрежи.

Во анкетата се поставуваат прашања за тоа колку граѓанките и граѓаните се информираат преку прилози на граѓански новинари, и колку ваквите стории и вести ги сметаат за веродостојни и релевантни.

Во тој контекст се и прашањата за тоа колку изворот на информацијата и авторот ѝ се битни на јавноста, во однос на релевантноста на самата информација, и колку од информациите споделени на социјалните мрежи, се од информативен карактер.

Граѓанското новинарство во светот зема сè поголем замав и отвара теми кои медиумите често ги заобиколуваат. Овој нов начин на информирање на јавноста, стана еден од основните столбови во борбата за слободни медиуми и слобода на изразување. Анкетата на ЦИВИЛ има за цел да истражи колку ерата на новите медиуми е присутна и во Македонија.

This post is also available in: AlbanianEnglish