пишува: МАЈА ИВАНОВСКА
Глобалните показатели за состојбите со слободата на медиумите укажуваат на тоа дека светот во моментов се наоѓа на полошо место од претходно. Ова, пред сè, се должи на кризата предизвикана од пандемијата на корона вирусот и генералното ограничување на правата и слободите како дел од мерките за заштита на јавното здравје. Слободата на медиумите опаѓа дури и во најразвиените демократски земји, особено во Соединетите Американски Држави.
Ако се земе предвид дека слободата на известувањето е најважниот сегмент врз кој почива градењето на демократските општества, а медиумската сфера не е изолиран систем кој може да функционира без соработка со државата и општеството, се доаѓа до заклучокот дека слободата на медиумите се гради преку изградбата на стабилни, транспарентни и одговорни институции, стабилна држава во која владее правото. Или поинаку кажано, степенот на слободата на медиумите е сликата за состојбата во општеството и степенот на демократија во една земја.
Во вакви вонредни услови во кои се наоѓа светот, сликата за слободата на медиумите во нашата земја делува навистина охрабрувачки.
Саморегулацијата, работните стандарди на професионалните новинари, создавањето на регистар на професионални медиуми, отстранувањето на државното рекламирање во медиумите, нешто што претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ го користеше како алатка за контрола на медиумите, Повелбата за услови за работа на новинарите со нацрт договор за фер вработување во дигиталните медиуми која се обврзува да ги почитува правата на новинарите и слободата на изразување, се дел од достигнувањата кои Репортери без граници ги посочуваат како главни причини за искачувањето на земјата на скалата на слободни медиуми.
Од една страна, бележиме пад на физичките напади врз новинарите и медиумските работници, но од друга страна се соочуваме со зголемување на новите форми на закани врз слободата на медиумите – лажните вести, сајбер нападите и говорот на омраза.
Покрај заложбите на невладините, медиумските и новинарските организации, во изминатите три години Владата покажа добра соработка кога станува збор за ослободување на медиумите од стегите на режимот. Но дали е тоа доволно? За жал, најголемиот непријател на медиумската слобода и понатаму остануваат оние кои изминатите години го предизвикаа медиумскиот мрак во земјата. Доказ за тоа се постојаните блокади од страна на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот по прашањето за реформи на националниот радио-телевизиски сервис.
Далеку од тоа дека 92. место на скалата на Репортери без граници е нешто на што треба да се радуваме и да го посочуваме како огромен успех, бидејќи како и сѐ останато во оваа држава, работите се движат бавно. Но процесите се започнати и она што е најважно во овој миг е не само да ја продолжиме традицијата од последните три години кога полека но сигурно се искачуваме на ова скалило, туку и да се осигуриме дека нема повторно да си дозволиме пад на слободата на медиумите.
Има тука уште многу што да се направи и додаде. Факт е дека властите не се оние кои можат ама баш сѐ да ни пружат на тацна. Но добро е да се препознае нивната волја за соработка и ослободување од стегите кои долго време ги држеа граѓаните на оваа земја во медиумски мрак.