Нова хајка на социјалните мрежи и во дел од медиумите против Сарачини поради изнесен личен став

Вчерашниот ден го одбележа смртта на ексјугословенскиот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ. Многумина споделија објави на социјалните мрежи и напишаа ин мемориам текстови во медиумите.

За жал, и оваа вест беше искористена за ширење говор на омраза, напади и дискредитирање кон оние што во јавноста се познати по својот критички став и мислење.

Така и активистот и новинар, инаку и самиот кантавтор, Петрит Сарачини, се најде на метата на познатите ширачи на говор на омраза, само затоа што изнесе личен став. Неговот поглед кон Балашевиќ е заснован на неговото добро познавање на општествените и политички прилики во кои дејствувал авторот.

„Почина Балашевиќ, предадениот идол на генерацијата „педесет и неке“, растена во најубавиот период на СФРЈ, која се колнеше во братство-јединство и пееше „Рачунајте на нас“, а само неколку години потоа, или молчеше и не се спротивстави или беше носечки столб на национал-шовинизмот и војните кои донесоа крв, стотици илјади жртви и распад на Југославија.

Со првиот истрелан куршум меѓу некогаш братските народи во 90тите, умре и Балашевиќ. Тогаш беше стрелана неговата душа. Денес од овој свет замина и телото на предадениот идол на една генерација. Нека почива во мир“, пишува Сарачини на Фејсбук.

Неговата објава им беше „добар“ повод за одредени, познати Фејсбук коментатори, но и интернет портали да се појават со објави, коментари и наслови полни со навреди и говор на омразата, кои особено не им доликуваат на медиумите.

Па така, Република.мк решава да го пренесе Фејсбук статусот на Богдан Илиевски со наслов: Од изборот за нуклеарно глупи изјави, издвојуваме: Балашевиќ бил носечки столб на војни и ја распаднал Југославија!


Инаку коментарот на Илиевски (Бетмен Велит) гласи:

„Што би рекол Ѓоле: "Боже, боже..." :))

* едитирав бидејќи нејасно напишаното вајстина може да се тумачи дека Пјетро удира по сите луѓе

"родени педесет и неке" кои, според него, или молчеле или биле носечки столб на војни, а не (само) по Балашевиќ. Криво седи, право зборви, џанам“.
Фан страницата „Cyber Club Ludata Joci“, го коментира статусот на Сарачини со директен напад врз него, со оглед, дека тој е еден од ретките кој успеа да ја разоткрие мрежата на Фесјбук и Твитер наменета исклучиво за ширење говор на омраза, повикување на дела од омраза, лажни вести и дезинформации. Овој Фејсбук страница се наоѓа на тој список.

„Екс владиниот советник, а сега пишувач во портал кој верува дека е уште ,,новинар", балистот Петpит Амон Саpачини, многу ми е познат по својата злоба, но ете - му избликнала како гејзер токму на денот кога умрел некој кој нема да го стаса ни со свои десет животи. Чија музика обединуваше, не делеше.

Веројатно, музичарот по барови кој не најде прикладни зборови да ја поздрави легендата за последен пат, испуштил да каже дека во 1998 имаше наслови во балкански медиуми - ,,Се подготвува атентат врз Балашевиќ во Сараево". Но, и покрај тоа предупредување во медиуми - Балашевиќ го оддржа тој концерт по војната...“.

Бројни се и коментарите кои погрешно ја сфатиле пораката на Сарачини, сметајќи дека со национал-шовинизмот го опишува Балашевиќ, без да обрнат внимание дека контекстот е сосема друг и дека: „Со првиот истрелан куршум меѓу некогаш братските народи во 90тите, умре и Балашевиќ. Тогаш беше стрелана неговата душа“.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ