Социјална правда, загадување, комунални проблеми, говор на омраза и (не)задоволството на граѓанките и граѓаните се темите на сториите на граѓанските новинарки и новинари за кои денеска ЦИВИЛ – Центар за слобода додели пет награди во рамки на проектот Граѓански објектив поддржан од National Endowment for Democracy.
Една од двете четврти награди отиде во рацете на граѓанскиот новинар Вулнет Махмути за фото-сторијата „Градските автобуси „топол дом“ за бездомниците“. Фотографиите на Махмути говорат за бездомните лица (најчесто деца) кои во зимскиот период го користат јавниот градски превоз за да се стоплат и одморат.
Втората четврта награда отиде во рацете на група граѓански новинарки и новинари од шест општини (Велес, Прилеп, Штип, Кичево, Скопје и Пехчево) кои за време на дводневниот семинар за граѓански новинари во Велес, направија анкета на улиците на Велес и ги прашаа граѓанките и граѓаните дали се задоволни од локалната власт. Марија Пупулиева, Ангела Николоска, Симона М. Живкова, Сема Ѓулагоска, Небие Заимовска и Емрах Грутков се граѓанските новинари кои ја добија оваа четврта награда, за анкетата „Не се мисли на народот, се мисли на профитот!“. Наградата во името на оваа група ја подигна Небие Заимовска.
Третата награда ја доби сторијата „Охис не работи, но загадува“ на граѓанскиот новинар Влатко Мишевски. Оваа сторија предизвика огромни реакции во јавноста, бидејќи во истиот ден кога се снимени видео материјалите и фотографиите, 22 јануари, Државниот инспекторат за животна средина испрати соопштение до медиумите за вонредните инспекциски надзори врз индустриските објекти во земјата. Во соопштението на ДИЖС се вели дека не е констатирано загадување од страна на ОХИС затоа што „не се во работен режим со години“. Од друга страна пак, сторијата на Мишевски покажува дека таму сепак се работи, и тоа секојдневно.
Втората награда отиде во рацете на граѓанскиот новинар Каној Шабан за фото-сторијата „Говор на омраза на комитите: Свинско за рамазан!“.
„Комитите“ со говор на омраза и навредливи пораки го одбележаа „Бадник“ (Коледе), со тоа што на ѕидот на една продавница во населбата Маџари напишаа: „Свинско за Рамазан“ и „шиптарски п...“.
„Ова се нечесни и валкани дела на некои мои соседи, кој го отсликува нивниот неморал, неукост, вандализам, национална и верска провокација, за кое нема и не треба да има место во нашето општествено уредување. Се надевам дека оваа ќе стаса до релевантните државни органи и соодветно ќе превземат мерки за пронаоѓање на сторителите и нивно санкционирање!“, рече Шабан.
По објавувањето на оваа сторија, Шабан во ЦИВИЛ како организација препозна место каде може да зборува за своите проблеми и дискриминација со кои секојдневно се соочува, поради својата етничка и верска припадност. ЦИВИЛ Медиа направи интервју со него, во кое тој зборува за пречките и проблемите со кои се соочуваат тој и неговото семејство во текот на годините, само затоа што се „различни“ од соседите и сограѓаните.
Сторијата „Мини депонија кај велешкиот пазар“ на група граѓански новинарки и новинари – учесници на семинарот во Велес ја доби првата награда во овој циклус.
Мини депонијата се наоѓа во стариот дел во Велес, односно во градскиот пазар. Но, најголема трагедија е тоа што во непосредна близина има градинка во која има околу триста деца. Жителите кои што живеат таму велат дека е неподнослива миризбата, особено во летните денови. Сторијата ја направија Благојчо Костадинов, Јулија Николовска, Јован Јовановски, Рихад Реџепи и Делфина Јанева.
Маја Ивановска