ЦИВИЛ – Центар за слобода викендот (30-31 март) го искористи за обуки за мониторинг на претседателските избори. Набљудувачите на семинарот добија детални насоки за набљудување на процесот на спроведувањето на претседателските избори од повеќе аспекти.
Постојаните соработници, поддржувачи, членови, како и дологорочните набљудувачи на ЦИВИЛ, го мониторираат изборниот процес уште од самиот почеток, по распишувањето на претседателските избори на 8 февруари. ЦИВИЛ во континуитет ги мониторира состојбите на човековите права и слободи и општествено-политичките процеси во Република Северна Македонија.
Мониторингот на ЦИВИЛ на денот на гласањето на првиот и вториот изборен круг ќе го спроведуваат околу 160 акредитирани набљудувачи. Набљудувачите се поделени во две групи, според проектите во чии рамки се спроведуваат овие активности и тоа, проектите „Граѓански објектив“, со поддршка од National Endowment for Democracy и проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, во чии рамки е и развојот на медиумската платформа на ЦИВИЛ, а со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Секој од проектите вклучуваат посебен фокус на правото на глас, политичката корупција и изборниот поткуп, заканите и притисоците, како и политичкото финансирање.
До сега се нотирани голем број случаи на говор на омраза, лажни вести, политичка корупција, црна порпаганда и предвремена кампања. ЦИВИЛ својот фокус во набљудувањето во овој период го насочи кон кандидатите за претседатели, нивните поддржувачи, политичките партии и нивното финансирање, институциите и медиумите.
Обуките ги предводеше Џабир Дерала, ЦИВИЛ, со помош на Координативниот тим на организацијата. Учесничките и учесниците на обуките се запознаа со принципите на набљудување на ЦИВИЛ, методологијата и безбедносните протоколи во процесот на мониторирање на изборниот процес. Исто така, тие добија и конкретни насоки како да известуваат за сите облици на притисоци, манипулации, а особено за повредата на правото на глас, но и како да ја заштитат тајноста на податоците и заштита на идентитетот на изворите на тие информации.
За повеќе информации за активностите, сознанијата и ставовите на ЦИВИЛ за изборниот процес, заинтересираните медиуми и граѓанки и граѓани можат да се јават на тел. 02 / 520 91 76 или да напишат порака по мејл ([email protected]) или на Фејсбук.
Б. Јордановска