„Џон Кенеди" е една од главните улици во општина Чаир, и се наоѓа во средиштето на Чаир. Едната страна на улицата е составена од кули (станбени згради) со неколку влезови, означени со бројки на последните спратови. Зад кулите се простира чаирското маало Серава и стар Чаир, до коешто се доаѓа преку споредни улички и сокаци помеѓу зградите.
На другата страна на улицата има училишта (едно основно и едно средно), градинка, дом за стари, улици што водат во чаирските маала Топанско Поле, Север, и другиот дел на Чаир. „Џон Кенеди“ е позната како улица, но највеќе се поистоветува со маало, бидејќи се простира по правата линија на главната улица, со многу улички што водат до дворовите на старите и сега веќе новоизградени станбени објекти.
Нашата мала видео - репортажа не ги опфати сите аспекти на живеење во ова маало, но, нашиот другар Ајдин Шерифи, којшто живее на „Џон Кенеди“ повеќе од дваесет години, ни помогна во нашиот обид да прикажеме дел од изгледот на улицата и маалото, начинот на живеење и проблемите со коишто се соочуваат жителите. Нашиот другар Ајдин, со оригинално чаирско изразување и движење, ги оплемени снимките што ги направивме низ маалото со неговите раскази коишто на моменти ќе ве насмеат (како што не насмеаја и нас додека бевме на посета во неговото маало) и ќе ви дадат една реална слика за животот на улицата - маалото „Џон Кенеди“.
Ајдин Шерифи / Дијана Тахири / Фахри Хисени
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента
НА УЛИЦА е нов начин да се приближиме до секојдневниот живот на нашите сограѓанки и сограѓани. Споделете ги своите животни мигови, вашите навики, проблеми и пораки со нас. Ајде да ја направиме приказната на вашата улица заедно. Побарајте нѐ на 02/5209 176 или пишете ни порака на Фејсбук или на мејл: [email protected]. Тимот на ЦИВИЛ Медиа ве очекува.