Додека пратениците во Собрание дебатираат за предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за судија на Уставниот суд, дел од медиумите објавија дека Врховниот суд ја укина пресудата за убиството на Ангел Петковски на 30-ти септември од страна на 5-член совет. Веста ја објави телевизија Телма, повикувајќи се на судски извори.
Одредени медиуми блиски до опозицијата вината за ослободување на тинејџерот Насер Ештрефи, убиецот на Ангел, ја посочуваат кон актуелната власт – „Правдата на Заев и Маричиќ: Убиецот на Ангел од Ѓорче Петров на слобода“.
Откако медиумите ја објавија веста дека е ослободен убиецот на Ангел, на социјалните мрежи има коментари со говор на омраза, повици за масовни протести на улица, сè до коментари кои бараат правдата да се земе во свои раце.
„Врховен суд ја укина пресудата за убиството на Ангел од Ѓорче Петров?! Во овој период е најтешко да си Македонец! Благодариме многу г. Премиер што ги ослободивте и ухлебивте сите ш……. кримоси у државава смрдена!“, пишува Командант Марк на Твитер.
„Сите на коментари на Фб се силни, а никој нема храброст и сила д се излезе да се протестира масовно, и да се избориме за правдата“, коментира Мирјана Блажевска на Фејсбук.
„Абе во оваа северџанија-вукоје… не ти треба суд, не ти треба полиција, треба сам да си бидеш суд и полиција ако дојде до ваква работа. Ако го решиш ОК, да го изгубиш најмилото не можеш повеќе што да изгубиш, само тоа е решение“, коментира Јованка Навој Орлеанка на Фејсбук.
Осумнаесетгодишниот Ангел Петковски беше убиен со нож на кејот на реката Вардар во Ѓорче Петров на 19-ти мај 2014-та година. Осомничениот Насер Ештрефи од општина Сарај беше осуден на 14 години затвор за убиството. Одбраната на осудениот тврдеше дека станува збор за самоодбрана бидејќи бил нападнат од жртвата и неговиот татко кои го бркале затоа што сакал да им украде велосипед од дворот. Судот утврди дека обвинителството нашло доволно докази за убиството и за извршителот по што ја изрече казната. Првостепената пресуда ја потврди и Апелациониот суд, но таа падна на Врховниот суд. Никогаш не беше најдено оружјето – ножот со кое беше извршено убиството.
По убиството на Ангел, жителите на Ѓорче Петров ја блокираа главната улица, а дел од нив тргнаа кон Сарај, но полицијата ги спречи. Потоа гневот се префрли на улицата – се палеа продавници, дуќани, угостителски објекти, улицата беше блокирана од запалени контејнери и од полицијата. Се кршеа излозите на дуќаните чии сопственици беа Албанци.
Прашањето е – на кого (ќе) му одговараат етнички тензии во овој момент?
Дехран Муратов