МВР ќе ја проверува исправноста на апсењето на момчето со куче, Славјанка Петровска бара санкции за полицајците за неносење маски и ракавици

На социјалните мрежи се појави видео снимено од граѓанин, во кое се гледа како група полициски службеници лишуваат од слобода момче кое држи во раката куче.

Видеото е поставено околу 16 часот и во него нема информации за точното време и локацијата на настанот. Она што може да се види од видеото е дека лицето кое го приведуваат не дава отпор при лишувањето од слобода, не изгледа вооружено или опасно за да бара потреба од интервенција од ваков тип.

8 полицајци+2 коли+марица vs момче со кутре, исходот?

Gepostet von Nesso Anggel am Montag, 20. April 2020

ЦИВИЛ Медиа го упати прашањето до портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски за лишување од слобода на момче со куче од страна на интервентна полиција и реакциите на граѓаните за прекумерна употреба на сила и побара информации за што се работи во конкретниот случај и која е причината за ваквата интервенција од страна на група полициски службеници.

Набргу стигна и соопштение, како одговор од МВР за конкретната ситуација, во кое се вели:

„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема мерки и активности за утврдување на законитоста на постапувањето на полициските службеници во случајот кога неколку полициски службеници преземаат мерки за лишување од слобода на лице кое е затекнато надвор од својот дом со својот миленик за време на ограничувањето на движењето на граѓаните, а за што во текот на денот на социјалната мрежа Фејсбук се споделува видео од настанот. Во текот на утрешниот ден, јавноста ќе биде соодветно информирана за исходот од проверките Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди и во иднина ќе презема мерки за соодветно расчистување на сите случаи во кои постои сомневање дека постапувањето на полициските службеници е спротивно на законот“

Со реакција се јави и заменик министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска, која го искажа своето несогласување со начинот на кој постапиле полициските службеници.

„Во врска со објавеното видео на кое е прикажано приведување на момче со домашно милениче заради прекршување на полицискиот час, го искажувам своето несогласување со начинот на кој постапиле полициските службеници. Воедно очекувам и соодветна санкција за нивното непочитување на мерките и неносење на заштитни маски и ракавици. Ако казнуваме за неспроведување на мерките, како тоа ние први да ги прекршуваме?“, пишува Петровска на Фејсбук.

Од видеото  може да се забележи дека акцијата ја спроведува Единицата за интервентна полиција. Единицата за интервентна полиција настана со спојување на единиците- за јавен ред и мир, за асистенции и спровод и на „алфите“. Единицата, односно нејзините припадници се надлежни за остварување на работни задачи во посеопфатно и потемелно одржување на јавниот ред и мир, пред сѐ во делот на ефикасно спротивставување на сите облици на уличен криминал, особено кога е во прашање лоцирањето, справувањето и лишувањето од слобода на опасни, вооружени лица.

Симона М. Живкова