Чулев нема став, пак…

коментира: Симона М. Живкова

Видеото со лишување од слобода на младото момче веќе масовно се споделува на социјалните мрежи.

Дел од граѓаните тоа го користат за политичка манипулација и со тешки националистички пораки, а дел од нив го осудуваат ваквото постапување на службениците.

Од дополнителната министерка Петровска добивме одговор со осуда  во однос на постапувањето и во однос на не почитувањето на мерките за заштита од полицијата.

Додека, министерот Чулев не даде никаков конкретен одговор за случајот, дозволувајќи ноќва ова видео да ги остави во мисла граѓаните.

Дали од сега ние ќе треба да се плашиме на секое присуство на полицијата?

Дали од сега ние можеме да очекуваме дека во полициски час може да ни се случи слично нешто како на момчето од видеото?

Особено, која е пораката на ваквото постапување од припадниците на МВР и од каде тие ја добиле слободата за ваквата акција, е прашањето кое јавноста треба да го знае.

Зошто, мене сериозно ме загрижува фактот дека во полициски час, оваа единица која првенствено треба да се фокусира на уличниот криминал приведува младо беспомошно момче на начин кој се манифестира како употреба на прекумерна сила од полицијата, која високите раководства, а особено министерот за внатрешни работи, не смее да го дозволи.

Особено не во услови на вонредна состојба кога одредени права на граѓаните се ограничени.

Во состојба кога сите се бориме со корона вирус и пандемија, кога граѓаните се доволно исплашени за своето здравје, задачата на припадниците на МВР не смее да биде сведена на ниво сеење страв и авторитет врз граѓаните. Министерот не смее да дозволува слобода на група полициски службеници да постапуваат на ваков начин со нас, обичните граѓани.

Првиот човек на МВР не смее ниту да не остави без одговор за вакво постапување на полициски службеници.

Да, МВР треба да се грижи за јавниот ред, за спроведување на мерките, за сузбивање на криминалот и кражбите, за сигурноста на граѓаните додека се во нивните домови. Но, не на ваков начин.

Рестрикциите се воведени за спречување на ширење на вирусот и само за тоа, а министерот е должен на нас граѓаните веднаш да ни објасни зошто полициските службеници вака постапија со младото момче.

Група полициски службеници без маски и заштита ставија во комбе, зад решетки младо момче со мало кутре во рацете, а министерот Чулев досега нема свој став за ова. Нема осуда.  Нема одговор.