Единство на идеи и акција на конференцијата „Зелено општество за сите“

Во тек е завршната конференција „Зелено општество за сите“, во организација  на ЦИВИЛ, во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел. Теми на конференцијата се зелените вредности и политики, антинационализмот, социјалната правда, медиумите, дезинформациите и говорот на омраза.

Конференцијата се одвива во четири одделни панели, на горенаведените теми, а учесници на панелите се универзитетската професорка Мирјана Најчевска, активистката Мерсиха Смаиловиќ, Благица Димитровска од невладината „Инклузива“, претседателката на партијата ДОМ, Маја Морачанин, Астрит Истрефи од Балкан Форум, Косово, националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски, Слаѓан Пенев од Форум ЦСРД, Милош Димитровски од Извор – Кратово, новинарските ветерани Зоран Иванов и Александар Николиќ Писарев, Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис. Конференцијата ќе ја отвори Џабир Дерала од ЦИВИЛ, и воедно ќе го модерира првиот панел на тема зелени вредности. Модератори на панелите се Дехран Муратов, Дијана Тахири и Петрит Сарачини од ЦИВИЛ.

Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, на отварањето на конференцијата истакна дека овој проект е своевидно продолжување на идеите за застапување и промоција на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда.

„Со „Зелено општество за сите“, ЦИВИЛ ќе продолжи со теренските активности и со медиумската продукција за јакнење на јавната свест за единството и неделивоста на зелените вредности, кои подразбираат и почитување на различностите, еднаквоста и мултикултурализмот.

Една од основните пораки на овој проект во контекст на локалните избори е да се ослободат локалните избори и, воопшто, локалните политики од националистичките наративи кои ги потценуваат локалните прашања

ЦИВИЛ ќе продолжи со комуникацијата на идеите за меѓусебната поврзаност на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда, особено во контекст на креирање локални политики и практики со вистинска грижа за интересите на граѓанките и граѓаните на локално ниво.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓански и граѓани, носители на одлуки на локално и централно ниво, медиумите и граѓанскиот сектор да се вклучат во создавање општество кое ефективно ќе се справува со националистичките наративи преку зелените алтернативи, иницијативи, стратегии и активно учество во креирање зелени политики што ќе придонесат кон креирање на прогресивно, слободно и зелено општество“, нагласи Дерала.

Професорката Мирјана Најчевска истакна дека зелената иднина е право на секој граѓанин, но и одговорност.

„Главен промотор на зелената иднина е државата. Но без правна држава не може да имаме зелена иднина.

Диктатурата е ефтина бидејќи не треба многу да вложува. Демократијата е скапа. Социјалната заштита е скапа, заштита на најранливите групи е скапо.

Држава треба да ја води некој како шаховски мајстор, кој гледа 10 чекори напред, какви потези да направи… Само држава која се базира на науката и податоците може да планира зелена иднина.

Ни треба држава која ќе антиципира, предвидува и прави потези за доброто на граѓаните“, истакна Најчевска.

Лидерка на ДОМ, Маја Морачанин, вели дека поголемиот дел од граѓаните под зелени вредности подразбираат заштитата на животната средина и климата. Но, зелени вредности се почитување на правото, антинационализмот, социлајна правда, хуманост, солидарност…

„Ние веќе почнавме да ги живееме климатските промени. Политичарите секогаш се правдаат дека немаат доволно финансиски средства. Но треба да направиме акции и планови да се спречат катастрофите.

Треба да имаме социлајно праведна транзиција, треба да се води сметка за ранливите категории и жените“, вели Морачанин.

Таа додаде дека Северна Македонија се обрзала да води грижа за животната средина. Треба да има поголема координација меѓу централната и локалната власт во однос на заштита на животната средина. Треба да се вклучи целиот потенцијал што го имаме за да се имплементираат овие стратешки цели.

Астрит Истрефи од Балкан Форум, Косово, истакна дека во Балканот нема мир туку има недостаток на војни. Тој ги истакна тензиите што се случија неодамна меѓу Србија и Црна Гора, како и меѓу Србија и Косово каде што имаше активирано и воени авиони и возила.

Не можеме да бидеме само гледачи во нашата земја додека национализмот расте. Тоа сериозно делува во нашите општества.

„Во време на политичките кампањи се користи националистичка реторика. Повеќе всушност немаме локални избори, сите имаат големи сништа, идеологии…

Зелената агенда е крајно политичка агенда. Од градење на зелени енергетски места, дозволи, гас… Никој не мисли на граѓаните туку се прават пресметки кој какви добивки ќе има.

Треба да градиме зелено општество за сите во Западен Балкан, така ќе имаме поголема меѓусебна соработка, почитување…“, истакна тој.

Националниот координатор за интеркултурулизам и едно општество во Владата на Република Северна Македонија, Роберт Алаѓозовски, истакна дека и покрај тоа што годината е сé уште пандемиска и имаме разни ограничувања, стратегијата се реализира.

„Денес треба да се заврши до последен сегмент и шестмесечниот извештај за она што е сработено во периодот јануари – јуни оваа година. И, вестите се добри.

Само мал дел од активностите, на пример, не се започнати, затоа што тоа се специфични области кои што подлежат на годишно планирање. Така што, ако годината била лоша, односно, не можело да се предвиди, да речеме, репрограмирање, тогаш тоа мора да се одложи за наредните квартали, или наредната година.

Но, многу од активностите се започнати и, во многу од областите, веќе, не само да кажеме активностите се спроведени еднаш, па вие ги штиклирате како изработени, имаат „зелена штикла“, сработено, туку инсистираме сега тие активности да станат континуирани, бидејќи тоа е смислата на Стратегијата, да работите ги освоиме како резултат, меѓутоа, кога континуирано ќе заживеат, тие стануваат спроведливи.

Премиерот Заев знае да каже во јавните изјави дека Стратегијата „Едно општество“ е во напредната фаза на реализација и тоа ние можеме да го потврдиме со бројки. Веднаш штом ќе се официјализира, ќе се усвои во наредниот период овој извештај, тој, се разбира, ќе биде достапен и до јавноста. Планираме некаде до крајот на оваа година да направиме и една јавна дебата, јавна презентација на сработеното во оваа година и пол и, да го добиеме и инпутот од јавноста и рефлексиите на јавноста“, рече меѓудругото Алаѓозовски.

Дерала на крај заклучи дека на еден или на друг начин, политиката се (с)врти кон „зелено“, а со тоа и сѐ останато добива „зелена“ димензија, во прв ред – економијата.

„За жал, „зелените“ концепти во економијата станаа неопходност како последица од перцепцијата дека светот е во еколошка криза поради неконтролираната експлоатација на природните ресурси и загадувањето на сите нивоа и во сите размери. Помалку се обрнува внимание на фактот дека до оваа планетарна состојба дојдовме поради глобалната култура на конзумеризам и силно изразени социјална, политичка и културна поларизација насекаде во светот.

Оттаму, може да се каже дека уште поважно е прашањето: Дали општеството се движи во „зелен“ правец? За тоа, сепак, ќе мораме да почекаме, ако воопшто го дочекаме. Во голем дел од развиените демократии, кои воедно се и меѓу најбогатите држави во светот, зелените вредности се веќе прифатени и длабоко вткаени, а циркуларната и зелената економијата се веќе цврсто воспоставени и носат огромни профити за компаниите, но и благосостојба за населението.

Тие два главни „зелени“ пристапи кон економијата меѓусебно се надополнуваат и го одразуваат социјалниот карактер на најразвиените демократии во Европска Унија и во светот.

Кои се разликите меѓу зелената и циркуларната економија? Во директивите на ЕУ и извештајот на Европската агенција за животна средина од 2014 година, зелената економија се дефинира како „систем на економски активности поврзани со производство, дистрибуција и потрошувачка на стоки и услуги што резултира со подобра човечка благосостојба на долг рок, за да се избегне изложување на идните генерации на значителни еколошки ризици. и на еколошкиот недостиг“, додека циркуларната економија претставува „развојна стратегија која обезбедува економски раст без зголемување на потрошувачката на ресурси и намалување на влијанието врз животната средина“.

Така е тоа во развиениот дел од Европа и светот, додека останатите ќе мора да се задоволат со тоа што економијата, барем декларативно и со срамежливи чекори во праксата, допрва тргнува во тој правец. Но дали тоа е доволно? Ни оддалеку. Тоа се меѓусебно поврзани процеси. Не може да се развие зелената или, како што се нарекува, циркуларна економија, доколу не се развијат политиките и практиките на локалните и националните власти, а уште повеќе – јавната свест и политичката култура кои водат во тој правец. А тоа неизбежно подразбира систем на вредности кои ги вклучуваат човековите права и слободи, социјалната правда и мултикултурализамот.

Да фрлиме еден поглед на Северна Македонија, која во овој контекст не се разликува многу од другите земји во регионот и пошироко.

Премногу брзо и лесно, тоа што до скоро беше потценето, сега стана тренд. Сега нема политичар кој не говори за зелена економија и здрава животна средина. Но дали луѓето во политиката и јавната сфера разбираат што значи тоа што го говорат?

Ако направиме анализа на јавните настапи на политичарите, и ветераните и новопечените, и партиските и независните, ќе откриеме вчудовидувачки ниски нивоа на познавање на поимите и исклучоци поретки отколку што тоа е прифатливо за новото доба во кое живее светот. За жал, до слични констатации ќе дојдеме ако ги анализираме и организациите на граѓанското општество и медиумите.

Слична, ако не и идентична, паралела можеме да повлечеме и во други критични општествени и политички процеси, политики и практики. За нешто да се практикува, прво треба да се научи и разбере, а потоа и да се примени. Тоа го има многу малку во ова општество.

Ако не ја разбереме целовитоста на зелените вредности и ако останеме во мракот на незнаењето за тоа што се случува и што му е потребно на светот и на секое општество, заедница и поединец во овој контекст, лесно можеме да отидеме во крајно непожелни несакани правци.

Љубовта кон природата, грижата за животната средина и комуналната хигиена се една работа, а зелените политики се сосема друга работа. Така, во јавната комуникација во тренд се „зелениот“ политички говор, „зелените“ проекти најдоа свое место во сечија политичка програма, иако со критички поглед на тие програми и декларации може да се открие само малку обоена (во зелено) стара политичка фразеологија и демагогија.

Национализмот и ултранационализмот, како претежно десничарски (има и леви националисти, нели?) идеолошка матрици, во услови на недостаток од јавна свест, може лесно да се маскираат во современи, со истакнување на „зелената“ терминологија во првите параграфи од политичките програми. Никаде не води изолираното прифаќање и промовирање на грижата за животната средина и љубовта кон природата и животните, вегетаријанството и, условно кажано, new age стил на живеење. Тоа што недостига е согледување на суштинската потреба од целосно прифаќање на мултикултурализмот, недискриминацијата, ненасилството, максимално почитување на човековите права и слободи, како и социјалната правда како прва придружничка на еколошката правда.

Ако не се прифатат, негуваат и унапредуваат зелените вредности во целост, како неделиви едни од други, ќе останеме во истото поларизирано општество кое нема да успее ниту на политички, ниту на економски план.

Сведоци сме на политички и граѓански ентитети што се упорни во задржувањето на концептот „љубов кон природата и животните“ и тврдат дека не ги интересираат човековите права, социјалната правда, меѓуетничките, меѓуверските и интеркултурните односи. Во таквите политички и граѓански ентитети лесно може да се вгнездат идеи блиски до концептот на „животен простор“ или – Lebensraum. Да се потсетиме, тоа е концептот на надворешна политика на нацистичката партија на Хитлер во 30-те и 40-те години на минатиот век, а која свои поклоници, во разни варијации, имаше и има во не мал број европски и светски држави“, истакна Дерала.