Може ли Македонија да издржи олку демократија?

Македонија, за разлика од многу други држави, е многу повеќе склона кон распад по сите шевови, доколку не е демократска. Интензитетот на нашите чести избори наликува на „патот покриен со рози“ по кој газиме кон дисфункционалноста на нашата демократија

САШО ОРДАНОСКИ

Во 2016 гласавме на парламентарни избори; во 2017 на локални; во 2018 се пребројувавме на референдумот за Преспанскиот договор; во 2019 гласавме на претседателски избори; во 2020 повторно на парламентарни; во 2021 на локални избори… Плус осум општински референдуми во последните пет години. Овде спаѓа и спроведувањето на пописот на населението, бидејќи се третира како еминентна изборна активност. А, веќе се спомнува и 2022 година како можност за вонредни парламентарни избори.

Во наши услови, тоа значи дека за пет години сме „изгубиле“ две-три години во гласачки активности, кога ќе се пресметаат сите предизборни месеци, официјални и неофицијални кампањи, први и втори кругови на гласање и сите афтер-шокови од пребројувањето на гласовите, жалбите, тужбите и пост-изборните лелеци и „лижење на раните“.

Може ли Македонија да издржи олку демократија?

Со оглед на високата исполитизираност на општеството и уште повисоката испартизираност, како и поради покерашката политичка култура кај нас според која, традиционално, „победникот зема сѐ“, нашите избори не се некаква активност што се одвива во „позадината“ на нормалното животно секојдневие, туку се во центарот на општествената преокупација и перманентната партиско-политичка мобилизација.

Државните институции, јавните претпријатија, разните „парадржавни“ организации, инспекторати и регулатори буквално, со месеци пред изборите, се префрлаат на вонреден начин на работа кога сите ресори, проекти и министерски и директорски активности се фокусирани врз денот на гласањето и ефектот што треба да се предизвика кај гласачите. Инвестициите и општото трошење на јавните пари се насочуваат на предизборни, а не на приоритетни области.

Парламентот и општинските совети „се распуштаат“ на по неколку недели, а судовите и обвинителства „газат врз јајца“ за да не им се доведе во прашање и онака разнишаниот углед во јавноста. Опозицијата, која и така е под комплетна „борбена готовност“ 365 дена во годината, за изборите потполно збрлавува, експоненцијално зголемувајќи го квантитетот на колнење и закани од прес-конференциите и другите говорници до мера која се префрла од прегреаните дизел и бензински „мотори“, на нуклеарен погон што зрачи штетна радијација за сите можни теми и личности.

Приватната економија, пак, се воздржува од активности кои можат да бидат „погрешно“ протолкувани од власта или опозицијата, чекајќи постизборна партиска констелација или „нормализација“ на пазарите и движењата во бизнис-секторите.

Сите знаеме: изборната географија е „ветената земја“ за пораст на корупцијата, а политичките манипулации се излезени од „изборниот рај“.

Медиумите влегуваат во налудничав програмски „овердрајв“ со „две минути за излагање, една минута за реплика и една минута за контра-реплика, па 30 секунди за контра на контрата-реплика“ – и така за сите стотици кандидати на изборните ливчиња, и за оние кои имаат нешто сериозно да соопштат и за оние кои посолуваат вегета по телевизиските студија. Тотална какофонија пренесена од лудилото на социјалните мрежи директно на „трпезите“ на традиционалните медиуми.

Навистина, повторно се прашувам, може ли Македонија да издржи олку демократија, половината недели во секоја последователна година?

Одговорот на ова прашање можеби треба да се детектира во анкетите на јавното мислење кај нас каде, од година в година, сѐ поголем процент на испитаниците изразуваат резерви кон демократијата како систем на владеење и бараат „(по)цврста рака“ во општеството, со растечка поддршка за „источните“ лидери како Путин или Ердоган.

Тоа е, всушност, сигнал дека на јавноста ѝ е смачено од непрекинатото „вознемирување“ со фреквентната неопходност да гласаат за прашањата од секојдневниот опстанок и дека ѝ недостасува поголема стабилност и предвидливост во живеењето. Во истите тие истражувања довербата во институциите и во политичките водства бележи историски најниски нивоа на поддршка. На мнозинството граѓани сите политичари и опции им се чинат (депресивно) исти и сѐ повеќе од нив се подготвени „гневот“ да го истурат на денот на гласањето давајќи го својот глас за налудничави, комични, авторитарни или одмазднички личности, опции и формации. Не се бира меѓу визии, туку меѓу оние кои нудат краткорочна прагма. Почесто бираме политичари, одошто го менуваме прашокот за перење или храната за кучиња по дома.

Слободните и фер избори се суштината на демократијата, но таа не може да се редуцира само на перманентно изборно гласање во кое одговорноста за владеењето (во што спаѓа и однесувањето на опозицијата) постојано ќе се „пренесува“ врз самите гласачи. Тоа доведува до предвидлив „замор на материјалот“ и дезинтерес кај јавноста за клучни „долгорочни“ теми во општеството, по што најголемата жртва е самата демократија.

А, Македонија, за разлика од многу други држави, е многу повеќе склона кон распад по сите шевови, доколку не е демократска. Баналноста на нашите чести избори наликува на „патот покриен со рози“ по кој газиме кон дисфункционалноста на нашата демократија. За ова вреди, на време, да подразмислиме.

 


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.