Независната кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, митингот во Гевгелија го започна со: „Добровечер гевгеличанки, особено за жените од Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ... Македонија наместо да е социјална држава, таа стана социјален случај. Тоа значи дека нешто труло се случува во државата“... Таа додава: „Демократија значи да се биде од народот, со народот, за народот. Оваа власт е авторитарен режим, поданички менталитет, корупцијата владее, има селективна правда, неспособни функционери. Тие се недопирливи. Нивно е судството. Со нив Европа е далеку. Ние се бориме за право и правда за Македонија. И ќе победиме“.
Таа во Гевгелија ги поздрави меѓу останатите етнички заедници и Албанците. Меѓутоа зошто жените од ВМРО-ДПМНЕ ги издвои како посебни или тие се малку повеќе жени од другите жени кои не се вмровки? Инаку, Силјановска Давкова себеси се нарекува „независна“ и „натпартиска“ и се бори да е првата жена претседател!
Таа на својот Фејсбук профил во име на државата испрати порака до Амбасадата на Франција во Скопје.
„Изразувам најдлабоко сочуство со францускиот народ во оваа трагична ноќ. Богородичната црква е светол пример на брилијантноста на човековата умешност и способност. Се надевам дека што поскоро повторно ќе ја здогледаме во сиот нејзин сјај. Амбасадоре, Christian Thimonier Македонија стои покрај вас! Ambassade de France à Skopje.
Професорката по право чиј слоган е „Правда за Македонија“ сè уште не стана претседател, а веќе испраќа пораки во име на државата? Секако од Амбасадата на Франција и вратија - „Ви благодариме драга госпоѓо професор...“
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на синоќешниот митинг во Куманово порача дека ВМРО-ДПМНЕ „мало сутра“ ќе се врати на власт. Тој го спомена и познатиот кумановски мезал’к за кој рече дека има разни намирници кои се надополнуваат, а таква е и нашата земја обединета во различности, со убави културолошки посебности, но сите се надополнуваме.
„Ги слушам како се прават поголеми патриоти и националисти, бааги големите вмровци. Дали знаете дека Никола Груевски доаѓа од Демократска Алтернатива, Христијан Мицкоски доаѓа од Социјалистичката Партија, а Гордана Силјановска била во владата на СДСМ, раководството сега на ВМРО-ДПМНЕ е од Народна партија. Биле они тоа тврдокорни вмровци, само власт ги интересира, ништо друго. Спремни се и државата да ја пуштат низ вода само да се вратат на власт ама мало сутра. Веќе назад нема, нема враќање затоа што избравме вистински пат и од него откажување нема“, рече Заев.
Во прв момент она „мало сутра“ ми се причини како „Кама сутра“...
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски, на гостувањето на ТВ Телма на „жешкото столче“ одговарајќи на прашањата на новинар(к)ите истакна дека не знае зошто Бранко Црвенковски го нема во неговите пропагандни спотови, бидејќи некој друг му ги прави спотовите. Тој исто така додаде дека има поддршка од министерот за надворешни работи Никола Димитров, но не знае зошто досега не се појавил на ниту еден митинг. Меѓутоа, Димитров вчера за првпат се појави на првите редови на митингот во Куманово.
„Денес, нема исклучени, нема привилегирани, нема заборавени. Со внатрешната кохезија и со евро-атлантските интеграции, оваа и следната година со право се прогласени за економски години. 625 милиони евра имаме странски директни инвестиции само во 2018, со заокружување на полноправното членство во НАТО, ќе бидат и повеќе. Со отворањето на претпристапните преговори со ЕУ, ќе ни бидат достапни фондови од 100-ци милиони евра. Дваесет години досега, златни деца изгубивме - имаме големи шанси за позитивен економски развој, тука да основаат семејство, да отворат бизнис, да работат“, посочи претседателскиот кандидат Пендаровски.
Златните деца што избегаа тешко дека ќе се вратат, туку што ќе биде со овие златни деца што останаа...?
Министерот за здравство Венко Филипче, како член на Централниот одбор, вчера во општина Чаир имаше средба со граѓан(к)ите кои ги убедуваше да гласаат за Стево Пендаровски.
„Наша одговорност е да им овозможиме подобар живот и иднина на нашите деца. Стево Пендаровски е вистинскиот кандидат за претседател на Република Северна Македонија. Пендаровски ќе биде претседател кој ќе обединува и претседател кој вистински ќе се грижи за граѓаните и државата“, порача Филипче.
Добро е што нема проблеми во здравството па така има слободно време да се посвети и на претседателската кампања. Или ај да бидеме сериозни, има еден куп проблеми, а тој си тера она народното „село гори - баба се чешла“.
Претседателскиот кандидат Блерим Река, вчера ја продолжи неговата кампања во Битола, Црнилиште и Житоше, каде беа присутни стотини граѓани. Во текот на средбата, Река потенцираше дека првиот впечаток од Битола му е чувството на празнина.
„Овој град на азбуката, на браќата Манаки, но без Албанци. Македонија нема институционален капацитет да ја води државата напред. Оваа држава нема да оди напред ако сè уште олигархијата стои над политиката. Многу ми е драго што конечно и владата ја призна мојата точна прогноза, дека тешко може да добиеме датум за почеток на преговори – без реформи. Како претседател, со мојата екпертиза можам да и помогнам на оваа држава да не ги повтори истите грешки... На Македонија и треба нова реформа за да не остане празна држава“, истакна Река.
Во Битола не само што нема Албанци, туку речиси нема ни млади, нема чист воздух, нема вода во ромската населба Баир...
Дехран Муратов