Манипулации: „Приказни од булеварот“ признаа, но тврдат дека „ненамерно“ објавиле лажна вест, не испуштија да продолжат со навреди и манипулации

Откако ЦИВИЛ ја разобличи лажната вест за Владата дека наводно ќе купувала џипови во вредност од 1,5 милиони евра, профилот „Приказни од булеварот“ на својот Фејсбук профил ја избриша лажната вест и објави дека е „ненамерна“ грешка, ама…

„Ја прифаќаме нашата грешка! Но! Булеварко никад не правеле фотошопови туку пренесуваат сè она што се врти низ етерот. Грешката е ненамерна. Баш ни е драго што сме ви трн во окото и секојдневно сме ви под лупа! Ветуваме дека она што вие ревносно го браните ние ќе го разобличуваме со линкови и факти. Од над 100 страни и профили! Царот е гол! Има една поговорка. Лошо е ако и вие тргнете голи по царот зошто се во животот тече и се менува“, пишува Булеварко.

Ова „признание“ во кое се тврди дека се работи за „ненамерна грешка“, сосема предвидливо, наиде на „спонтани“ реакции и коментари како што е: „Не ти е прв пат да шириш лажни вести, но прв пат ти е официјално да те демантираат“.

Претходно и од Владата нагласија дека се работи за лажна вест и фотомонтажа.

„Ова е #ЛажнаВест. Владата никогаш не објавила ниту склучила договор за ваква јавна набавка. Податокот е лесно проверлив на веб страната на Бирото за јавни набавки. Станува збор за целосна фотомонтажа“, објави потрпаролот на владата на Твитер.

Сепак, останува отворено прашањето дали „булеварците“ мислат дека некој може да поверува во нивното тврдење дека се работи за „ненамерна грешка“, особено имајќи предвид дека не е прв пат да пласираат лажни вести и говор на омразата. Самото „признание“ е наведувачко и со навредлив говор. Ова е само уште еден лошо изведен трик за манипулација и мултиплицирање на лагите и омразата, неуспешно скриено зад обидот да се покаже некаква принципиелност.

Во меѓувреме, ЦИВИЛ доби информации и дека еден од администраторите на „Приказни од булеварот“ е вработен во МВР, додека другиот е дел од минорна политичка партија. 

Мониторинг тим на ЦИВИЛ

 

ЦИВИЛ ужива голема доверба и поддршка од граѓанките и граѓаните од целата земја. Оттаму, соработката со заинтересираните граѓан(к)и е редовна и интензивна. Секојдневно, голем број луѓе се јавуваат во организацијата со изрази на поддршка или со пријави на случаи за лажни вести.

Голем дел од нив користат онлајн алатки, преку мејл или пораки на различни комуникациски платформи. За да се олесни комуникацијата и архивирањето на случаите, ЦИВИЛ воведе онлајн Граѓанска пријава на која може да се пријават повеќе категории меѓу кои се наоѓаат лажните вести, но и говорот на омразата, корупцијата, насилството…

ЦИВИЛ ќе продолжи да ги разобличува лажните вести и дезинформации, без разлика дали доаѓаат од државни институции, јавни личности или обични граѓан(к)и.