Политиката станува сè попривлечна за лекарите. Четири доктори се главните претенденти за водење на две општини во земјава, Охрид и Дебар, каде на 21 април ќе се одржат предвремени локални избори. Во Дебар ќе се натпреваруваат д-р Хекуран Дука од ДУИ, кој е актуелен вршител на должноста градоначалник на Општина Дебар и д-р Арбен Аголи од Алијансата за Албанците, поддржан и од движењето Беса.
Аголи беше кандидат и на последните локални избори, но со мала разлика изгуби од покојниот градоначалник Ружди Лата. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сè уште не поднеле кандидатури за Дебар, а рокот истекува вечерва на полноќ. Од двете партии нема ни став за евентуални коалиции или поддршка за некој од двајцата кандидати.
Лекари се и кандидатите на двете најголеми партии во трката во Охрид. Кандидат на СДСМ за градоначалник во оваа општина е д-р Константин Георгиевски, а од ВМРО ДПМНЕ д-р Митре Милошевски. Освен нив кандидатура најавиле и “Демократите” со Стевче Стевоски кој на последните локални избори беше независен кандидат за градоначалник на Охрид.
Стевковски работел и како инспектор во СВР Охрид. Во општина Ново Село битката ќе се води меѓу правник и стопанственик. ВМРО-ДПМНЕ во оваа општина го кандидирал Магистерот по право, Николче Стоилков, кој е вработен во царинската управа и е актуелен претседател на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ. Номиниран кандидат од СДСМ, што ќе учествува во изборната трка, е Никола Андонов, кој доаѓа од приватниот сектор.
А. Зеќири