„Кратки нозе“ и измама: Лажна „Елизабета Пендаровска“ на Фејсбук нуди донации од 5000 евра

Лажен профил со името „Елизабета Пендаровска“ и фотографии од првата дама Елизабета Ѓоргиевска беше отворен на „Фејсбук“, вечерта пред изборите на 16 октомври. Според објавите, целта на профилот е да се обиде да ја измами публиката на Фејсбук нудејќи лажни донации од 5 илјади евра, откри Мониторинг тимот на ЦИВИЛ.

 

На лажниот Фејсбук профил „Елизабета Пендаровска“, е искористено презимето на претседателот Пендаровски, коешто неговата сопруга не го употребува на вистинскиот Фејсбук профил, а и нивни заеднички фотографии, како и споделувани објави од официјалната страница на претседателот.

Во последната објава на лажниот профил, насловена како „донации“, се повикуваат сите кои го следат профилот да напишат нивно име и презиме, за потоа 100 лица да добијат по 5.000 евра. Под оваа објава има над 1.800 коментари, како и над 800 споделувања.

Првата дама Елизабета Ѓоргиевска случајот го пријави во Фејсбук и во Секторот за компјутерски криминал при МВР. Сега, останува на институциите да го расветлат овој случај на измама.

Нам нѝ останува уште еднаш да го повториме повикот на ЦИВИЛ до граѓанките и граѓаните, да не подлегнуваат на вакви лажни профили и да внимаваат да не оставаат лични податоци, кои може да ги чинат многу главоболки и изгубени парични средства.

Петрит Сарачини