„Тоа што највеќе ме привлекува секогаш да и се враќам на музиката е творењето, да направиш нешто што досега не е направено. Тоа е делот што ми се допаѓа најмногу и мислам дека го гледам кај многу други творци, многу уметници, музичари, актери и сликари“, вели Јон Ајди во интервју за ЦИВИЛ Медиа.
Јон за својата музика вели дека се приклонува кон поп, инди-поп, но дека има намера да твори во што повеќе различни жанрови.
„Досега сум направил повеќе песни што се приклонуваат кон поп, инди -поп. Имам и балада, но тоа се песни што не сум ги објавил сè уште, замислата ми е да творам во што повеќе различни жанрови. Имам песни што наликуваат повеќе на рок, повеќе на блуз, така што за сега можам да кажам дека е поп. За понатаму, ќе видиме“, вели тој.
Јон вели дека слуша различна музика, но дека уште од рана возраст најголемо влијание за него биле The Beatles и Led Zeppelin.
„Слушам различна музика, но мислам дека тоа што сум слушал како дете има влијание на моето творење, број еден за мене се „The Beatles“,„ Led Zeppelin “, иако засега не се слуша ниту се приметува во мојот стил, сепак кога творам тие ми се во заднина и тоа е гласот што го следам“, додава тој.
Во однос на творењето на својата музика, Јон вели дека понекогаш добива инспирација од збор, понекогаш доаѓа од неговата гитара или од некој разговор, а најчесто пишува за негови искуства или од неговите најблиски.
Како совет за почетниците кои сакаат да се занимаваат со музика, Јон вели дека не треба да се предаваат, дека почетокот е секогаш тежок, но дека треба мотивација.
„Можам да споделам што сум научил од моето искуство, почетоците се секогаш тешки, иако не одеше сè како што треба, јас се враќав и работев уште повеќе на моите грешки или на нешто што не е направено како што треба. Така што не треба да се предаваме, почетокот е секогаш тежок, понекогаш не чини инструментот, на почеток имав проблеми со гитарата, но, секогаш се враќав и со поголема мотивација да научам да отсвирам подобро од последниот пат. Така што, мојата порака би била да не се предаваш, да работиш“, вели Јон.
„Едноставно, луѓето да се сакаат меѓусебно и да споделуваат малку повеќе љубов, тоа е најважното, од тоа се раѓа взаемното разбирање и се оддалечува од дискриминацијата и омразата“, гласи пораката на Јон за Меѓународниот ден на човековите права.
Јон Ајди досега има издадено три песни, во брзо време треба да излезе и четвртата негова песна. Во јуни годинава излезе видео спот за неговата песна „Gentle“, кој е снимен во Студио „Подрумот“, а продуцент е Ангел Ќосев. Мастерингот на песната го реализираше Бобан Апостолов. Видео спотот е продукција на Moments Production.
Јон ќе настапи на Фестивалот на слободата на 10 декември во Музејот на Град Скопје, по повод Меѓународниот ден на човековите права, а воедно и одбележување на 20 години од основањето на ЦИВИЛ.
Ангела Петровска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
превод: Диана Тахири