Кржаловски, МЦМС: На изборите ќе нема јасен победник, но сите ќе прогласат победа

Изборната кампања финишира, а кандидатите се растрчани по општините испраќајќи ги нивните финални пораки до гласачите. За квалитетот на кампањата на партиите, за независните кандидати и листи, за борбата меѓу две големи мултиетнички коалиции која за првпат се случува во земјата, за очекувањата од изборниот ден и резултатите, во Цивил Прес студио разговараме со Александар Кржаловски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), организација која долго време ги следи процесите во општеството и изборите.

 

Кржаловски оценува дека во кампањата нема креативност, и дека апатијата покажанa на претходните избори со помала излезност си го прави своето. Тој се надева дека на локалните избори ќе има поголема излезност, бидејќи граѓаните виделе дека со тоа не се решаваат работите, односно, дали излегле 50% или 60% граѓаните, резултатот е ист, и дека така уште помалку се влијае на него.

Првиот човек на МЦМС, Кржаловски очекува мирен изборен ден, бидејќи, како што вели, контролата а и самоконтролата меѓу партиите е поголема споредено со минатото, кога имавме и жртви на изборите.

„Секако, не очекувам инциденти, а и не многу нерегуларности, верувам дека и таму сме на добар пат, следејќи ги низ годините, од каде тргнавме пред 15-тина години со убиства заради избори, мислам дека сме веќе далеку од тоа“, oцени Кржаловски.

Од друга страна, тој смета дека на изборите нема да има јасен победник ниту губитник. Кржаловски очекува сите до 9 часот вечерта да прогласат победа, без оглед кој што ќе добие, бидејќи, според него, тоа е природата и квалитетот или неквалитетот на партиите, кои го ќе истакнат тоа што ќе им оди во прилог.

„Некој ќе освои повеќе градоначалници, некој ќе има повеќе гласови вкупно, некој ќе освои поважни општини, и сите, ама сите ќе најдат нешто да се пофалат, и, за жал, ќе нема јасен, условно речено, победник. Што можеби е и добро, иако поразите предизвикуваат промени во партиите. Не очекувам некој да се повлече по овие избори, бидејќи секој ќе си најде нешто да рече дека, ете, победил.  Тоа е, за жал, она што го очекувам, дека нема да се случи некоја катарза во некоја од поголемите политички партии. Се надевам дека независните ќе поминат добро и дека ќе има релативно многу советници низ општините, што ќе ја донесе таа нова динамика и, условно речено, поголема одговорност во работата на општините“, истакна Кржаловски во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.

 

Интервјуто го водеше: Петрит Сарачини

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Ариан Мехмети