ИЗБОРЕН РАПОРТ #8: Во првата недела нотирани случаи на црна кампања, политичка злоупотреба на деца, кршење на КОВИД-протоколите и други неправилности

Ова е сезона на бескрајно додворување. Во своите кампањи, политичките партии, која колку може, раскажуваат колку постигнале, а уште повеќе што ќе постигнат ако ја добијат довербата на гласачите. Цивил спроведува континуиран мониторинг на клучните политички процеси и настани во земјата во повеќе области, вели Џабир Дерала од ЦИВИЛ, во осмото издание на „Изборен рапорт“.

ГЛАВНИ НАОДИ ОД МОНИТОРИНГОТ НА ЦИВИЛ

Мониторингот на настаните и процесите во изборен контекст е започнат од почетокот на 2021 година, а особено се интензивира во две фази, на почетокот на јуни, а потоа и со ангажирањето на долгорочните набљудувачи на 15 август.

Во тој подолг период се бележат повеќе настани и процеси, од кои ЦИВИЛ посебно ги истакнува:

1. Долго пред почетокот на официјалната изборна кампања се бележи политичка кампања во изборен контекст.

2. Црна кампања со говор на омразата кон политичките конкуренти, дезинформации и манипулации.

3. Донесување изборни измени непосредно пред почетокот на изборниот процес, наспроти препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на националните организации како ЦИВИЛ, МОСТ и други.

4. Дезинформации и манипулирање со факти поврзани со процеси и настани со цел да се дискредитираат политичките конкуренти

ГОЛЕМ БРОЈ АКТИВНОСТИ НА ПАРТИИТЕ

Да видиме што донесе изборниот мониторинг на ЦИВИЛ во првата недела од официјалната изборна кампања која започна на 27 септември.

Мониторингот тимовите на ЦИВИЛ во соработка со Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА во текот на првата недела од кампањата објавија 10 изданија на изборната хроника, поместена во рубриката Политички ОК Корал.

Во оваа рубрика, покриени се 19 активности на ВМРО-ДПМНЕ, 17 на СДСМ, 12 на ДУИ, 9 на Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и 10 активности на помалите партии Твоја, Гром, ДОМ/ЛДП и 8 на независните Шанса за Центар и Зелен хуман град.

КРШЕЊЕ НА ИЗБОРНИТЕ ПРАВИЛА

За истиот период, мониторингот на ЦИВИЛ нотира голем број случаи на кршење на принципите на добрите изборни практики и изборните правила и тоа во категориите:

1. Говор на омраза

2. Злоупотреба на деца во политичка кампања

3. Злоупотреба на службената положба за изборни цели

4. Злоупотреба на службените простории за изборни цели

5. Кршење на протоколите за заштита од КОВИД-19

6. Црна кампања

ИНЦИДЕНТИ И СЛУЧАИ НА ГРУБО КРШЕЊЕ НА ИЗБОРНИТЕ ПРАВИЛА:

1. Пукање со огнено оружје при отворањето на изборниот штаб на ДУИ во Чаир, 28 септември

2. Фрлена бомба во дворот на кандидат за советничка листа на СДСМ, 2 октомври

3. Притисоци за присуство на митинг на ДУИ од раководител на една образовна установа, 1 октомври

4. Тепачка и уништувања на изборен материјал во Градско, 29 септември

ГОВОР НА ОМРАЗА И ЦРНА ПРОПАГАНДА

Мета: Петре Шилегов

Црната пропаганда и говорот на омразата се придружен елемент на предизборните активности на дел од политичките субјекти кои учествуваат на локалните избори.

Изминатава недела предничи навредлива кампања против актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ за Град Скопје, Петре Шилегов, која предизвикува коментари со говор на омраза на социјалните мрежи.

Се бележи отворено и безрезервно учество и поддршка на црната кампања од истакнати партиски функционери и поранешни или актуелни пратеници во македонското собрание.

Мета: Фондацијата СОРОС и Град Скопје, односно Петре Шилегов

Случајот со Извидничкиот камп дел од медиумската машинерија на опозицијата го искористи за оцрнување на Фондацијата СОРОС, односно преку тој случај постои обид да се стави црна дамка врз граѓанскиот сектор. Исто така, и Шилегов е мета на говор на омраза во врска со тој случај.

Мета: Зоран Заев

Континуирана мета на говор на омраза е лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во сите случаи се забележува дека се добро планирани и поддржани од одредени политички субјекти во земјава.

ЦРНА ПРОПАГАНДА ПРОТИВ ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО

Се бележи црна пропаганда со дезинформации и навреди против граѓанското општество и ЦИВИЛ, на ТВ Алфа, како и на социјалните мрежи. Црната пропаганда најчесто се служи со креирање, најчесто дезинформации, манипулации со факти и теории на заговорот, содржини кои предизвикуваат говор на омразата, а неретко и повици на насилство. Црната пропаганда има цел да се дискредитира политичкиот противник во изборната трка.

Се бележи и голем број случаи на ширење дезинформации за што е формиран и посебен тим во состав на ЦИВИЛ. Дел од случаите се претставени и во емисијата „Кратки нозе“ која досега имаше три изданија.

ЗЛОУПОТРЕБА НА НАСТАНИ И ПРОЦЕСИ

Во политичката пропаганда со изборен контекст забележливо е дека се злоупотребуваат одредени настани и процеси со цел одредени субјекти да се здобијат со политички поени во јавноста. Се издвојуваат три теми и настани и тоа:

Спасувањето на цивилите од Авганистан предизвика лавина од теории на заговор и говор на омраза со ксенофобична содржина и нетрпеливост по етно-религиски основи.

Пописот веќе подолго време беше и остана тема врз чија основа се плетат разни теории на заговорот и дезинформации, како и повици на бојкот, со цел да се внесат поделби и меѓуетничка нетрпеливост, кои потоа се користат во политичката пропаганда.

Трагедијата со пожарот на модуларната КОВИД-болница во Тетово беше и сè уште е употребена за дискредитација на политичкиот противник.

ПОВИЦИ ЗА ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ И НАЦИОНАЛНИ ТЕМИ

Во извештајот на ЦИВИЛ од првата недела на изборната кампања се бележат и континуирани повици за предвремени парламентарни избори.

Во кампањата доминираат национални теми, а на теренот секојдневно се наоѓаат лидерите на политичките партии кои ги фрлаат во сенка локалните кандидати за функции во локалната самоуправа.


Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот)

This post is also available in: English