Медиумите и новинарството се подложни на динамични промени во контекст на развојот на комуникациските технологии и во контекст на политичките системи, како во позитивна (брзина, достапност, демократска јавност...), така и во негативна смисла на зборот (лажни вести, говор на омраза, манипулации, доминација на бизнисот и политиката...). Тргнувајќи од тезата дека граѓанското новинарство може да придонесе во општествените и политичките промени, во разговорот со новинарот Зоран Иванов ги начнавме прашањата што всушност е најважно за новинарството во денешно време, влијанието нна граѓанското новинарство и активизмот, како во борбата против лажните вести и говорот на омраза во дадените позитивни и негативни контексти.
ЦИВИЛ МЕДИА: Што е најважно да знаат тие што сакаат да се занимаваат со новинарство во денешно време во дадените контексти?
ИВАНОВ: За секој што сака да стане новинар, да се посвети на таа професија најпрво треба да се знае самиот себеси. Да се запознае себеси. Да се скенира како личност со сета своја внатрешност.
Новинарската професија како непишано правило го бара тоа од секој новинар како фундамент на професијата. Исто онака како што некој нема природни предиспозиции да биде врвен атлетичар, на пример, или талентиран фудбалер, така и новинарот и секако потенцијалниот новинар треба да поседува посебна човечка особина. Да е личност со карактер. Да е човечен, да е борец за праведност, да е доволно храбар да ги гледа в очи и најголемите авторитети. Да нема комплекс на пониска вредност уште помалку на повисока.
Новинарството е одговорна професија, многу одговорен и таа професија бара карактер од човек. Бара личност со високи морални вредености кои го прават човек со дигнитет. Само таквите карактери ќе станат авторитетни новинари. Денес секој е писмен. Ако се сака, новинарскиот занает лесно се совладува. Секој млад човек е образован. Но тоа е помалку потребно за да се биде новинар. Уште помалку да се биде добар новина. И најмалку да се биде авторитетен новинар.
Ова последново е важно зашто новинарството е јавна професија. Најавна професија. Нема професија што е по јавна од новинарството. Не се тоа ниту политичарите ниту естрадните ѕвезди. Новинарот преку медиумот во кој работи или индивидуално како новинарски авторитет, преку своите новинарски продукти, може да е и е катадневно присутен во јавноста. Луѓето го читаат, или го слушаат или го слушаат и гледаат. Нивните реакции се стрес за новинарот дури и кога се позитивни. Но неговата постојана јавна присутност меѓу журналистичката публика, новинарот го прави општествено најприсутен и воедно и општествено најодговорен. И како професија новинар и како и личност новинар.
Оттука и фактот дека секој не може да биде новинар. Новинар може да се нарече секој ама новинар може да биде само оној кој умее да ја разбере, да ја сфати моќта на јавниот збор и моќта на медиумот. Кој умее уште на почетокот на својот новинарски ангажман да разбере дека новинарските алатки како што се перото, сега тастатурата, микрофонот, камерата и сите други што особено сега ги нуди информатичката технологија, се оружје. Се опасни алатки кои смеат да бидат само во рацете на одговорни журналитички професионалци.
Од проста причина што доколку се употребуваат неправилно и етички нестандардно и морално недозволиво, тие можат да наштетат на вистината која е елементарниот репер за новинарската работа. Дополнително, со злоупотреба на новинарската моќ, на медиумската и на редакциската позиција, тие можат некого неоправдано да натажат, да повредат, да трауматизираат, да депримираат.
Од друга страна, токму новинарот и новинарството, редакцијата, медиумот се субјектите за правилно фактографско информирање на јавноста, за автентично пренесување и толкување на настаните и за регистрирање на појавите. За публиката, за јавноста, за консументите на новинарските информации да бидат тие точни, правовремени и проверени, а со тоа и авторитетни.
Новите технологии на новинарството му даваат нови можности, нови практично безгранични можности. Денес, благодарејќи токму на интернетот и на алатките на информатичката технологија, навидум новинар може да биде секој. Буквално секој без исклучок. Алатката која сите ние ја поседуваме, а која се уште по навика ја нарекуваме „мобилен телефон“ е новото мултимедијално чудо, новинарска алатка со многу можности. Со него секој, може да созадде вест, информација со текст и видео од било кој настан на кој се нашол намерно или случајно. На некоја невообичаена, несекојдневна случка од каде што можеме да направиме вест и да ја пласираме во јавноста.
Да ја емитуваме брзо и ефикасно до некоја редакција, до некој портал или само на нашиоит профил на нашата социјална мрежа. Потоа, во зависност од нејзината атрактивност за потесната или за пошироката јавност таа, токму преку тие нови интернет можности, брзо станува достапна за секого. Таа брзо, не само што допира до бројни корисници на вести, туку и брзо формира единечни и колективни ставови во општеството.
Згора, токму интернетот и се` помасовното активно присуство и учество на широката публика на социјалните мрежи, ја формира и општествената демократска јавност. Значи, сите ние како граѓани во исто време сме во можност и да креираме вести и да коментираме вести и да заземаме одредени ставови во врска со нивните содржини. Да учествуваме во јавниот социјален живот и да формираме составени судови за секој настан, за секоја информација.
Тоа е едната, онаа убавата демократската страна на медалот на можностите што ги нуди технологијата. Сега со нејзина помош секој може да пласира автентични и аргументирани вести и други прес информации.
Но, во исто време и секој може да биде во улога на манипулатор, да емитува лажни информации, да создава лажни слики, недоумици, да наведува на невистини, да сее омраза, да биде во платеничка или во најмала рака во навивачка функција и мисија на одделни политички или бизнис центри чии намери се да се дојде до гола власт за привилегии или до нечесен профит на сметка на чесните граѓани.
Но, затоа се тука новинарите. Редакциите и медиумите и новинарите и уредниците со своите одговорности спрема јавноста. Со авторитетот на професијата која е професија на вистината и професија за вистината. Токму поради фактот што секој може да биде „новинар“, но и поради фактот што секој може да биде „анти-новинар“, професионалните новинари ја имаат дополнителната обврска во мноштвото пласирани информации да се борат за вистината. Да ги проверуваат вестите, да ги поткрепуваат со факти, да ги демаскираат лажните вести и да ги разобличуваат намерите на нивните креатори и на нивните контролори на нивните разнесувачи.
Токму затоа и е таа одговорна улога на новинарот, на уредниците и редакциите. Тие се главниот столб во борбата против лажните вести. Против вестите со навредливи содржини, со говор на омраза, со интенција за шовинизми, ксенофобии и разни други видови фрустрации.
Ама новинарот и новинарството за да бидат таа заштита на јавноста, на демократската јавност, прво како личности со карактер треба да ги поседуваат особините од почетокот на текстов. Во спротивно, опасноста е дека и тие ќе станат дел од авторството на лажните вести, учесници во говорот на омраза и потпалувачи на разните изми.
И токму затоа што новинарството е најавна професија, аналогно на тоа и мошне одговорна професија, новинарството за новинари бара храбри и чесни луѓе.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали и како можат граѓанското новинарство и активизмот да придонесат кон подобрување на состојбите во областа на доброто владеење и почитувањето на човековите права и слободи на локално и национално ниво?
ИВАНОВ: Граѓанското новинарство е оној новинарски и редакциски пристап кој најдиректно е свртен спрема граѓаните. Спрема нивните секојдневни потреби на местото на живеење, во градот, квартот, маалото. Родено во најдемократските европски земји, скандинавските од пред нешто повеќе од четврт век, својата функција катадневно ја оправдува и ја потврдува со мноштвото покренати активности и со резултатите од нив.
Со својата настојчивост, со отворањето на редакциите за граѓаните, за нивните теми од нивното секојдневие, за нивните нужности, со јавните обраќања и прозивки за несработеното до надлежните, до институциите, до одговорните за состојбите и за потребите на луѓето, граѓанското новинарство се преобрази во динамична материја која ја моделира политиката и ја принудува да се спушти меѓу граѓаните и да се става во најнепосредна функција на нивното животно секојдневие.
И особено, со силината на ангажираното новинарство, да ги отвори институциите, да ги принуди да си ја работат работата, да сфатат дека тие самите по себе не се сопственост на самите себе, туку на граѓаните. Да ги направи најдостапни во секојдневието на луѓето и да го даваат својот долг за квалитетот на живеењето.
Граѓанското новинарство е новинарство без здив. Тоа покренува акции и не се откажува се додека, во рамките на можното и реалното, не ја раздвижи политиката и надлежните во вистинска смисла на зборот. Вистински да бидат посветени на животот.
Граѓанското новинарство е одблесокот на стварноста. Луѓето се неговата преокупација, а политиката и институциите и ги турка на нивниот вистински колосек посветено и одговорно да работат за од кого се создадени и плаќани.
ЦИВИЛ: Дали и како може да се добие битката против говорот на омраза и лажните вести?
ИВАНОВ: Само со вистински и крајно професионален журналистички пристап спрема одговорната новинарска професија и со придржување на новинарите до новинарските стандарди за вистина и непристрасност и особено со моралните вредности и со етичките стандарди, новинарството може да го оправда своето учество во јавниот живот и новинарите својот ангажман во новинарската професија.
Секоја спротивност на овие познати начела новинарството, новинарската професија и новинарите само ќе ги вброи во соучесници во се помасовната продукција на лажни вести и на говор на омраза. Ќе ги промовира во обични колаборационалисти на јавните и на тајните центри на разните политички и бизнис моќници на кои им се важни позициите, привилегиите и парите, а на кои вистината, демократијата и судот на јавноста им се непознати категории.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
This post is also available in: English