Доколку сакате да бидете дел од големиот семинар за граѓански новинарки и новинари којшто го организира ЦИВИЛ ви преостануваат уште само пет дена.
Повикот за учество на семинарот кој ќе се одржи на 16 и 17 февруари во хотел Гарденија во Велес трае до 10 февруари. Поради зголемениот интерес и големиот број на апликации, истите ќе бидат верификувани и одобрени од страна на посебна комисија. Бројот на учесници на семинарот е ограничен на 25.
На семинарот може да се пријават сите полнолетни граѓанки и граѓани од цела Македонија. Сè што е потребно е добра волја, желба и ентузијазам. И се разбира, да се пријават на Апликацијата за учество.
На дводневниот семинар за граѓанско новинарство ќе бидат опфатени теми што ќе им помогнат на сите идни граѓански новинарки и новинари да изградат вештини и да стекнат практични знаења од областа на новинарството, објективното и навремено информирање и известување, како и за придобивките на модерните технологии и комуникациски платформи.
На овој семинар ќе бидат претставени и неколку нови компоненти на проектот, преку кои е олеснето директното учество на сите заинтересирани во имплементацијата на проектот, дел од тимовите на медиумската платформа или во работата на ЦИВИЛ како организација, воопшто. Од искуството на организацијата, познато е дека голем број членови на проектните тимови прво биле посетител(к)и на овие семинари. Воедно, граѓанските новинарки и новинари што учествувале на овие семинари, подоцна станале и набљудувачи на изборните процеси, со минимални дополнителни обуки пред да бидат акредитирани.
Воедно, на овој семинар ќе биде претставена компонентата „медиуми на заедниците“ што има цел да формира два тима што ќе бидат финансиски поддржани од ЦИВИЛ да започнат свој блог или веб страница со информативни содржини за локалните настани. На тој начин, учеството на семинарот ќе биде и своевидна подготвителна селекција на најуспешните што ќе добијат можност да стартуваат свој медиумски проект.
Побрзајте и пријавете се!