Граѓанските новинарки и новинари се активираа во последните два-три дена, со прилози од протестите, како и со „улов“ од социјалните медиуми, каде што посведочија и документираа експлицитен говор на омраза. Граѓанскиот новинар, Марин Гавриловски, од лице место на вчерашните протести, испрати фотографија и сведоштво за говорот на омраза и националистичките пораки на демонстрантите.
На вчерашните протести во одбрана на името, демонстрантите се судрија со полицијата. Демонстрантите предводени од Комитите, фрлаа молотови коктели и камења на полицијата, која одговори со солзавец.
ЦИВИЛ објави повик до граѓанските новинарки и новинари да испраќаат прилози во кои ќе се документира и разобличи говорот на омразата, но ги повика и институциите на соодветна реакција:
„Прилозите во кои се документира говорот на омразата ќе бидат објавувани на медиумската платформа на ЦИВИЛ, но воедно ќе се алармираат и соодветните институции со барање да се санкционира ваквото однесување. Исто така, организацијата ќе ги алармира институциите и јавноста за експлицитниот говор на омраза на дел од јавните настани (протести) во овој период и ќе побара да бидат преземени соодветни законски мерки против организаторите на овие настани и против лицата кои шират говор на омраза и повикуваат на насилство. Драгоцен е придонесот на граѓанските новинарки и новинари во овој наш заеднички напор да му помогнеме на нашето општество да заздрави.“ – се вели во соопштението на ЦИВИЛ.
Б. Ј.
This post is also available in: English