ДИК има добар план, но колку ќе успее да го реализира?

Во пресрет на претседателските избори, а поучени од критиките во претходни изборни процеси, Државната изборна комисија одлучи да подготви детална програма за едукација и информирање на гласачите.

Целта на оваа програма е пред сè ДИК  преку неа да работи во насока на јакнење на свеста и знаењата на граѓаните за изборниот процес.  Праксата досега покажала дека, иако ДИК, како надлежна институција за спроведување на изборите има одговорност гласачите да бидат добро инофрмирани и едуцирани, граѓаните секогаш остануваат запоставени, на сметка на едукацијата на изборната администрација. За жал, праксата покажа и дека континуирано, во секој изборен процес, се соочуваме со недоволно информирана и неедуцирана изборна администрација чие незнаење секогаш резултира со низа изборни нерегуларности.

Едукацијата на граѓаните е стратешки приоритет на ДИК за периодот 2017-2020, со можност за подготовка на нови програми, со употреба на нови техники и методи за едукација на граѓаните и гласачите.

Она што останува како позитивна забелешка е создавање на ваква програма наменета за граѓаните и нивното гласачко право, а не само на задолжителна програма за избирачките одбори, што вообичаено не беа ефикасни.

Интересно во плановите на ДИК е што се предвидува креативна кампања за едукација на гласачите, но со помош на професионална агенција, со пари на ДИК и заинтересирани донатори.

Она за што ДИК, по правило, треба да ги информира граѓаните, а досега тоа не им успеваше, е кој има право на глас, кога и каде се гласа, што е потребно за остварување на гласачкото право, што е забрането на гласачките места, како се гласа, на кој начин се гласа и како се поднесуваат приговори за заштита на гласачкото право.

Целосната програма предвидува и медиумска кампања, алатки за односи со јавноста и она што веќе е во тек, редовно ажурирање на Избирачкиот список.

На крајот, како што стои во програмата, целта е да се добие впечаток дека ДИК се грижи за гласачите и да се врати довербата на граѓаните во оваа институција.

Главните пораки на ДИК се: Државната изборна комисија ги презема сите неопходни дејствија во насока на
спроведувањена фер и демократски претседателски избори, секој своето избирачко право може да го искористи во согласност со своите лични убедувања, никој не смее и не може да го злоупотреби избирачкото право, ДИК ќе ги обезбеди принципите на еднаквост, непосредност и тајност, како и регуларност, непристрасност и легалност на претседателските избори.

Останува да се види колку од овие цели на ДИК реално ќе се реализираат, а што од тоа ќе остане само на хартија.

Едукативниот и информативниот дел за гласачите, како и медиумската кампања, според програмата, ќе започне паралелно со кампањата на кандидатите за претседатели, односно на 1 април.

Б. Јордановска