Струга под лупата на граѓанското новинарство

Паметни, активни и храбри – тоа е краткиот опис за граѓанските новинарки и новинари кои овој викенд учествуваа на регионалниот семинар во Струга.

Четвртиот регионален семинар на ЦИВИЛ-Центар за слобода се одржа во Струга на 18-ти и 19-ти март, на кој учествуваа заинтересирани граѓанки и граѓани од Струга, Охрид, Дебар и Кичево.

Учесниците на семинарот имаа можност да се запознаат со основите на човековите права и слободи, со видео активизмот, со граѓанското новинарство и новинарското истражување.

На вториот ден од семинарот за граѓанско новинарство, учесниците имаа и работилница со практичен дел на струшките улици каде снимаа, фотографираа и разговараа за локални проблеми, но и на теми кои се актуелни во контекст на политичката криза во Македонија. По двочасовната теренска работа следуваше евалуација на снимените  видео-прилози и на фото-материјалите.

Полни со идеи, креативни и бестрашни, учесниците на семинарот на терен направија фото и видео прилози користејќи ги предностите на  своите мобилни телефони. Нивните стории ќе бидат објавени на специјализираниот сајт на ЦИВИЛ за граѓанско новинарство, а најуспешните и на civil.media.mk.

Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект веќе втора година придонесува кон развојот на граѓанското новинарство во земјата.

Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.

 

This post is also available in: Albanian English