Во изминатите неколку дена се одржаа низа протести низ неколку градови во државата, по повод договорот за името. Скандирањата претежно содржеа говор на омраза, а новинарските екипи добиваа(т) закани и пцовки од демонстрантите за да не ги снимаат и фотографираат. Затоа граѓанските новинарки и новинари се носители на новинарството кое известува од лице место, без страв и без услуги.
Во овој турбулентен период, граѓанските новинар(к)и можат да одиграат значителна улога во зачувување на мирот, стабилноста и меѓусебното почитување, со тоа што ќе го забележат секој говор на омраза на протести, навредливите графити на улиците…, за да може институциите да реагираат и инволвираните да одговараат пред лицето на правдата.
Исто така, преку граѓанското новинарство, граѓаните имаат можност да бидат контролори на работата на државните функционери и институции и да ги принудат да работат како што треба, односно да работат според законот.
На граѓанските новинар(к)и им се овозможува опцијата да останат анонимни.
Секој втор месец најдобрите и највлијателните пет видеа, фотографии или пишани текстови кои ќе бидат објавени на сајт наменет за граѓански новинари, ќе бидат наградени.
#ГраѓанскиОбјектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот. Овој проект веќе трета година придонесува кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Основна цел на проектот е да се придонесе кон транспарентни и одговорни политички процеси, да се зајакне јавната свест на политиките и практиките поврзани со човековите права и слободи.