Графит посветен на мирот ги покри пораките со говор на омраза на еден од ѕидовите во Старата скопска Чаршија. Графитот е реализиран од активистите Јетмир Асани и Валон Кучи, а го нацрта артистот Дако Ѓи, во соработка со Мировна Организација – Мировна Акција, а е насловен „Ѕидот на мирот“, по повод 21 септември – Меѓународниот ден на мирот.
Како што раскажуваат Асани и Кучи, за ЦИВИЛ Медиа, целта им била да ја пренесат пораката за мир и да ги покријат нацистичките симболи и пораките со говор на омраза.
„Сакаме да ги срушиме предрасудите дека во Чаир и Чаршијата не е безбедно. Пораките за мир, еднаквост, слобода… треба да ги видат сите, бидејќи сметам дека секој човек токму тоа го посакува. Во овој дел од Чаршијата доаѓаат да пијат кафе политичари, аналитичари, новинари… па сакаме да ја видат оваа порака“, вели Асани.
„Токму во овој дел од Скопје, еден дел од улицата припаѓа под Општина Чаир, а другиот дел е во општина Центар. Сакаме секој кој сега ќе помине низ Чаршијата, да го забележи графитот и да ги прифати пораките за слобода, правда, мир, еднаквост… Со овие пораки за мир и слобода ги покривме грдите пораки од претходно“, вели Кучи.
Тие велат дека ќе покренат иницијатива до општина Чаир и Град Скопје и улицата на која е нацртан графитот, од „Градишка“, да се преименува во „Улица на мирот“.
Текст, камера и монтажа: Дехран Муратов