Фестивалот на слободата со извонредно динамична и разновидна програма на Меѓународниот ден на човековите права

ЦИВИЛ ја организира финалната вечер на овогодинешното издание на Фестивалот на слободата на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, во Музејот на Град Скопје, од 17:30 до 23 часот. Со ова издание на Фестивалот, воедно, се одбележуваат и 20 години од основањето на ЦИВИЛ, организација на граѓанското општество чија бескомпромисна борба за човекови права и слободи ја направи една од највидливите во Република Северна Македонија.

 

 

Последната фестивалска вечер вклучува богата мултимедијална програма на различни точки низ целиот Музеј. Дел од програмата се и музичкиот настап на музичкиот состав Фолтин на кој ќе му претходи музичко претставување на кантавторот Јон Ајди.

Фестивалот започнува во 17:30 часот со активистичката фото изложба EXP(L)OSURE! на која со публиката ќе се споделат бројни експонати и слајдови што се своевидни артефакти за активизмот и за настаните во кои ЦИВИЛ учествувал или ги организирал. Организаторите ќе постават и штанд за бесплатни примероци од дел од богатата издавачка продукција на ЦИВИЛ.

На самиот влез во Музејот на Град Скопје, публиката ќе има можност да ги проследи диџејските настапи на Соња ИсмаилМарга Сол и Дино во програмскиот сегмент наречен ЗВУЦИ. ДВИЖЕЊЕ. од 18 до 21 часот.

ЗБОРОВИ. ДВИЖЕЊЕ. е насловот на програмскиот блок со поезија и перформанси на Владанка Димковска и Петрит Сарачини.

Паралелно со сите овие содржини ќе биде поставена и ГОВОРНИЦА, каде активистки и активисти, граѓанки и граѓани, другарки и другари, јавни личности, политичари и уметници ќе имаат можност на отворениот микрофон да зборуваат на една од темите: човекови права, граѓанско учество или, едноставно, да кажат некоја мисла поврзана со нивното искуство во или со ЦИВИЛ.

Во 19 часот, започнува активистичката филмска програма ОБЈЕКТИВОТ НА ПРОМЕНАТА на кој ќе се проектираат видео содржини од успешни активистички приказни од земјата и од светот.

Сите граѓанки и граѓани се добредојдени да го одбележат Меѓународниот ден на човековите права, како и јубилејот на нивниот ЦИВИЛ. Сите заедно, во активистички дух, можат да испратат силна порака за почитување на човековите права и слободи, секаде и без исклучок.

ВЛЕЗОТ Е СЛОБОДЕН, ИЗЛЕЗОТ Е БЕСПЛАТЕН.

ЦИВИЛ тим за комуникации

This post is also available in: English