Џабир Дерала во дебатната емисија „Клик плус“ на ТВ21 (19 октомври), како и другите учесници, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и аналитичарот Сашо Клековски, го оцени изборниот ден на 17 октомври како демократски, но се осврна и на неколку нерегуларности.
Дерала потсети дека ЦИВИЛ го негува принципот нулта толеранција за изборни нерегуларности, но дотолку повеќе, разбирливо е дека во анализите мора да се внимава извештаите од терен да поминат најмалку уште еден чекор на проверка и верификација.
„Можам да кажам дека од седумнаесет категории во кои набљудуваме изборни процеси, половина од тие категории, за жал, се појавија и на овие избори. Се разбира, малку е рано да кажеме дека имаме комплетно готов извештај со сите верификувани податоци. Сепак, тоа беше еден демократски процес, а доказ за тоа е што опозицијата доби инпозантна бројка од места“ – истакна Дерала.
Како и во претходните медиумски настапи, Дерала уште еднаш го истакна проблемот со фингерпринт апаратите.
„За жал, она што го одбележа денот се фингерпринт апаратите. Претседателот на ДИК предупреди дека се можни проблеми, рече дека дојдени се многу доцна, не може да гарантира дека нивното користење ќе биде успешно. ДИК најверојатно и не можеше да гарантира успешност, но некаква одговорност мора да има. Мора да се разговара во јавноста, како да се надмине оваа ситуација. Имаше избирачки одбори кои отворија навреме, во 7, но се доцнеше затоа што избирачките одбори не можеа да ги стават во функција апаратите“ – рече Дерала.
Според него, нефункционирањето на фингерпринт апаратите, кои чинеа 11 милиони евра, придонесе и кон повреда на правото на глас.
„Тоа придонесе и кон повреда на правото на глас, затоа што извесен број луѓе се откажаа од гласањето токму поради тоа. Понатаму, луѓето беа во редици, во гужви, со што беа изложени на здраствен ризик, поради КОВИД-19. Исто така, беа изложени и на агитација. Тоа е повреда на правото на глас, затоа што државата има обврска да обезбеди максимални услови за остварување на правото на глас” – истакна Дерала во своето гостување во емисијата Клик плус на ТВ21.
Тој, исто така, го истакна проблемот со злоупотреба на настани и процеси во кампањата, како што беше трагедијата во Тетово, спасувањето цивили од Авганистан и пописот, за ширење омраза и црна кампања.