Двајца лекари инфектолози, осум медицински сестри и четворица болничари од штипското Инфективно одделение се ставени во самоизолација, по наредба на здравствен санитарен инспектор, откако е утврдено дека имале контакт со 80-годишна пациентка, која била хоспитализирана со негативен тест на Ковид 19 и дијагноза бронхопневмонија. Но по влошувањето на состојбата и новиот земен брис пациентката се покажала дека е позитивна на корона вирус.
Директорот на штипската Клиничка болница, Ален Ѓеорѓијев вели дека од вчера е направена целосна реорганизација на ова одделение, на кое во моментов за пациентите се грижат еден инфектолог, еден специјализант, а на испомош ќе им дојде инфектолог од струмичката болница.
-Кадарот е пополнет, што се однесува до медицинските сестри е пополнет со медицински сестри од другите одделенија и во договор со Министерството за здравство ќе ни биде пратена една лекарка инфектолог од Општата болница во Струмица, која веќе од недела, односно од утре ќе се вклучи во работата на Инфективното одделение, вели Ѓеорѓијев.
Во моментов на ова одделение се хоспитализирани двајца пациенти со средна клиничка слика, кои се позитивни на коронавирус, а остантите се лекуваат во домашни услови и се во секојдневен контакт со инфектолозите. Ѓеорѓијев вели дека по потреба се донесуваат и на контроли во одделението. Според него добро е што сите пациенти кои се во домашна изолација имаат добра здравствена клиничка слика.
Тој денеска информираше и дека на испомош на кумановската болница за наредните две недели имаат пратено еден лекар интернист. Апелира медицинскиот кадар кој во моментов е на првите борбени редови да се заштитува и да ја користи заштитната опрема, онако како што е пропишано. Донациите во опрема пристигнуваат секојдневно од фирми, но и од граѓани. Најави дека во понеделник ќе спроведе итна јавна набавка на заштитна опрема, која смета дека ќе биде доволна за наредните два месеца за вработените во болницата.
Во Штип првите случаи на заболени од коронавирус беа потврдени пред дваесеттина дена, се очекува наредната недела Институтот за јавно здравје да информира колку од нив се излекувани.