Уредба со законска сила за финансиска поддршка на спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за време на вонредна состојба

Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за финансиска поддршка на спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за време на вонредна состојба.

Согласно Уредбата, „Спортист“е физичко лице кое спортските активности ги врши професионално, има склучено договор во спортски клуб и е впишан во регистерот на спортисти што настапуваат во системот на натпревари што го води националната спортска федерација.

Стручно лице во областа на спортот“ е тренер кои има завршено најмалку више образование во областа на спортот или стекнато лиценца/и добиени од соодветна меѓународна спортска асоцијација, како и стручно лице лекар, психолог, нутриционист и друго стручно лице од областа на спортот кое има соодветно образование од односната професија и е впишано во регистерот на тренери и други стручни лица што ги води националната спортска федерација.

„Спортска администрација“ се физички лица кои се вработени како административни работници на неопределно или определено време или ангажирани со друг вид на договор во спортските клубови и националните спортски федерации.

Финансиската поддршка согласно уредбата е обезбедна од средства од Буџетот на РСМ, а истата се состои во исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од 14.500 денари.

Корисник на финансиска поддршка согласно оваа  уредба со законска сила може да биде спортист, стручно лице од областа на спортот и спортска администрација кое:

– е државјанин на Република Северна Македонија;

– е вработено на неопределно или определено време или ангажирано со договор на дело, авторски договор или друг договор со кој лицето е повремено или привремено ангажирано за извршување на работа (во натамошниот текст: договор за работа) во спортски клубови и национални спортски федерации, кои имаат решение за вршење дејност спорт, во натпреварувачката 2019/2020 година, од 1 септември 2019 година;

– за месец декември 2019 година и јануари и февруари 2020 година, не остварило нето плата и/или надоместок врз основа на договор за работа во спортски клубови и национални спортски федерации повисок од 39.900 денари за секој месец одделно, согласно склучените договори и извршените исплати за истиот период  и

– не е вработено или ангажиран со договор за работа во друг правен субјект во месец април и мај 2020 година според евиденцијата на Агенција за вработување на Република Северна Македонија.

За користење на финансиска поддршка за спортисти, стручни работници од областа на спортот и
спортска администрација, одлучува Комисија за финансиска поддршка за спортисти, стручни работници од областа на спортот и спортски работници, која се состои од 5 члена од редот на вработените во Агенција на млади и спорт, а ја формира Директорот на агенцијата.

Условите, начинот и целата постапка за финансиска поддршка за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за месеците април и мај 2020 година се детално уредени во Уредбата објавена во Службен весник на РСМ.