На вчерашната конференција „Меѓу стремежите и реалноста“, по повод одбележувањето на 20 годишнината од основањето на ЦИВИЛ, универзитетскиот професор и политички аналитичар Сашо Орданоски ја истакна улогата на организацијата во македонското општество и говореше за предизвиците и перспективите на граѓанскиот сектор во Македонија.
„Граѓанскиот сектор во Македонија во последните дваесеттина години покажа една извонредна жилавост, издржливост и развој кои кога ќе се споредат со соседството, па дури и со балканските земји, е на едно, би рекол, повисоко ниво. Особено во последните десеттина години, за време на претходната власт, граѓанскиот сектор во Македонија беше оригинален. Тој навистина се дигна самиот, без да биде нечија иницијатива. Да, беше финансиран од странци од USAID, од Швајцарија, од Сорос и така натаму... Меѓутоа, покажа една необична издржливост да се зафати со решавање на проблемите и да издржи притисоци коишто, не така одамна, беа многу агресивни.
Таа работа не е завршена. Активностите на граѓанскиот сектор во демократијата никогаш не завршуваат. Ние гледаме што се случува дури и денеска. Гледаме дека потребата од тоа на политичарите да им се стави јасно на знаење дека повеќе не можат да ја водат државата игнорирајќи ги граѓанските иницијативи, кај нас е дојдена до ниво кога тоа навистина се случува. Дури ни еден премиер не може да си дозволи да тргне во некаква иницијатива без претходно да го сослуша граѓанскиот сектор, или во консултација и тесна соработка да произведува такви решенија.
Денешните задушувања на демократијата каде што опстојува и практично функционира граѓанскиот сектор се задушувања во свилени ракавици. Денеска тоа се одвива со дискредитации со елиминирање на противници, со ширење на говори на омраза и така натаму... Тука граѓанскиот сектор, се што спаѓа во него, па дури и медиумите се клучниот дел којшто мора да биде оној јавен баланс, разумен глас којшто ќе воспостави вистински контекст, вистински баланс на она што е наплив на една индустрија на дискредитации на самата демократија преку дискредитирање и блатење на луѓе, активисти и така натаму.
Во таа смисла, сакам да го поздравам ЦИВИЛ, бидејќи во Македонија граѓанскиот сектор покажува експертски височини, меѓутоа, сè уште недоволно има моќ да мобилизира на пониско граѓанско ниво. Затоа е ЦИВИЛ драгоцена организација. Затоа она прочуено „граѓанки и граѓани“ на Џабир, коешто го слушаме во секое негово обраќање е практично она каде што во наредните години мора да се развие граѓанскиот сектор, тој тип на мобилизација, вистинска мобилизација на луѓето коишто треба да учествуваат во демократијата. Системот постои за луѓето, а не обратно. Тоа е она што мислам дека ЦИВИЛ, со сите напори што ги прави во последните дваесеттина години, да мобилизира на едно пошироко ниво, да ја шири свеста за тоа дека системот е тука да произведува услуги за луѓето, а не обратно, ја прави оваа организација посебна.
Во таа смисла, ви честитам 20 години постоење, многу ми е драго што Пендаровски нашол време за заедно да го одбележиме овој настан, бидејќи јас мислам дека пред ЦИВИЛ и пред таквите организации како ЦИВИЛ коишто се обидуваат да го мобилизираат и рашират овој капацитет меѓу граѓанството. Бидејќи прашањата на демократијата никогаш не се затворени. Кога во најелаборираните демократски земји како Соединетите Американски Држави, како Британија и така натаму, и сега, денеска, се разговара за концептите за правда, популизам, насилство, говори на омраза и така натаму, тоа покажува дека ниту еден проблем не е за секогаш затворен. Секое утро е истата борба. Добро утро, да видиме денеска за што е борбата. И вчера сме ја разговарале, и утре ќе ја разговараме. Секој ден тоа. Ви честитам и сè најубаво!“
обработка на текст: М. Ивановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Александар Кондев
This post is also available in: English