СКЕН - полички магазин: Рекет хронологија

скенира: ИГОР К. ИЛИЕВСКИ

2019 беше бурна година, во која почнаа важни процеси. Некои, како приемот во НАТО, со камери, фанфари и прослави. Но, некои многу потивко, претпазливо, со напипувања и насетувања, како случајот што јавноста го прифати под името Рекет, кој, да не беше сериозен кривичен предмет со широка лепеза сторени кривични дела, ќе беше првата успешна македонска шпанска серија.

Сагата, која на јавноста и се отвори со серија новинарски „раскази“, на обичниот гледач му отвори поглед кон мрачен свет на закани, уцени, необични сојузи и бескрајна дволичност. Го внесе подземјето во довчерашниот столб на правдата, Специјалното јавно обвинителство, и практично го урна, заедно со надежта за правда, без која нема мир.

Случајот наречен Рекет покажа дека „бомби“ и понатаму можат да пукаат, и кај нас, но и на сосема неочекувани места, како контроверзни италијански портали, документи со искази можат да се изнесуваат од обвинителството, а апанажа може да се бара и од затвор. Серијата стана толку успешна, што денес е неизоставен дел од обраќањата на секој претставник на меѓународната заедница.

Според верзиите на дел од сведоците сите се плашеле од една „семоќна“ обвинителка, еден контроверзен „шоумен“ во рака го држел системот на кривичен прогон, а во случајот Рекет, еден, два три или којзнае кој, се вмешани сите, и повеќе или помалку се осомничени. Само „бизнисмените“ кои дале пари за да им се заташкаат случаи се жртви.

екипа: Биљана Јордановска и Маја Ивановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Маја Ивановска и Владимир Перчуклиевски
фотографии: архива на ЦИВИЛ Медиа и МИА


Сите права се задржани.  Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.