Средношколците имаат превоз, но каде се парите?

За прилепските средношколци од руралните средини изутрината е обезбеден бесплатен превоз, по вчерашните реакции на родителите и сопственикот на фирмата превозник „ДАНИ -транспорт“, објавени на ЦИВИЛ Медиа. Средношколците четири дена патуваа до градот на сопствен трошок и покрај законската обврска на Општина Прилеп да им обезбеди бесплатен превоз.

На автобуската станица, денеска ги пречекало комби од фирмата што вршела превоз на ученици минатата година. Нивните родители сега се надеваат дека ќе се ослободат од притисокот да обезбедат дополнителни 160 денари дневно од скромниот семеен буџет, за да им овозможат на нивните деца да следат настава во градот.

„Изутрината пристигна комби од превозникот, којшто пред една година вршеше транспорт за учениците. Се надеваме дека нашите маки завршуваат. Е, сега тоа што четири дена од свој џеб оддвојувавме пари за да може нашите деца да следат настава, е друго прашање. Сепак, најбитно е и натаму да нема проблеми, да немаме и такви грижи, покрај сиромаштијата со која се соочуваме“, велат родителите на средношколци од прилепското село Тополчани.

Слободан Велјаноски, сопственикот на „ДАНИ-транспорт“, фирмата што минатата година вршеше превоз на средношколци тврди дека Општина Прилеп и средните училишта му должат преку милион денари. Тој не е изненаден што сега друга фирма врши транспорт.

„Чув дека изутрината за средношколците било обезбедено возило од фирмата што пред две години го доби тендерот. Не сум изненаден, бидејќи ме предупредија, дека доколку и натаму одбивам да работам, ќе ангажираат друг превозник. Но, јас немам намера и натаму да продолжам со работа без пари. Доволно беше. Од октомври ми немаат платено, ниту денар. Ми должат просечно по 160 илјади денари месечно, за 120-ина ученици од сите прилепски села, а факт е и дека превезував повеќе ученици, отколку оние внесени во договорите“, ни изјави Велјаноски.

ЦИВИЛ Медиа и денеска инсистираше да добие одговор од надлежните, каде се парите за превоз на прилепските средношколци. Но, ниту одделот за односи со јавност на Општина Прилеп, ниту кабинетот на градоначалникот, ниту градоначалникот Марјан Ристески не одговорија на телефонските повици и пораки.

На повиците не добивме одговор, ниту од директорите на одделни средни училишта.

А, од Министерството за образование и наука се децидни дека парите за превоз на учениците се навреме и редовно, со однапред утврдена динамика, трансферирани на сметките на сите општини во државата, а Општина Прилеп не е исклучок од тоа.

„Одговорот каде се парите за превоз, треба да ги барате во Општина Прилеп“, категорично изјави Горан Галевски, портпарол на Министерството.

Во очекување на официјални одговори, останува отворено прашањето: Зошто Општина Прилеп и средните училишта, не кажуваат каде се парите за транспорт на ученици?

ЦИВИЛ ќе ги продолжи истражувањата на темата што ја отвори со граѓанскиот новинар Зоран Милошески, соработник во проектот „Граѓански објектив“ ,кој доби една од наградите за граѓанско новинарство во осмиот награден циклус.

Моника Талеска