Речиси илјада струмичанки и струмичани му изразија топло добредојде на ЦИВИЛ – Центар за слобода, вчеравечер во Малиот градски парк во Струмица, каде ЦИВИЛ го промовираше граѓанското новинарство.
Под мотото „Ние сме медиумите! Граѓаните набљудуваат, снимаат, објавуваат“, со музика, со видео проекција на досега наградените трудови на граѓанските новинари, со поезија на нивните истакнати сограѓани Сузана Мицева и Ѓорѓи Калајџиев, со стиховите на Џабир Дерала, како и со прилозите на граѓанските новинари ширум Македонија за протестите, ЦИВИЛ уште еднаш ги охрабри граѓанките и граѓаните да делуваат, и во време на медиумски мрак тие да бидат изворот на информации кои се објективни и ја прикажуваат реалната слика на човековите права и слободи.
На јавниот настан струмичанки и струмичани ги поздрави граѓанската активистка Ленче Христова, која во духот на протестите и Шарената револуција ги повика да продолжат со борбата за слобода, еднаквост и демократија и да не се откажуваат под налетот на притисоци и закани.
Уредникот на ЦИВИЛ Медиа, Синиша Станковиќ, ги поздрави сите досегашни учесници во проектот „Граѓански објектив“, истакнати јавни личности, новинари, уметници, фоторепортери, експерти и експерти во својата професија, но пред сé борци за слобода и за човекови права, кои на граѓанските новинари им ги пренесоа своите знаења и искуства, кои можат да ги искористат при известување за безумното кршење на човековите права.
На крајот на настанот, Џабир Дерала, ги повика граѓанките и граѓаните да известуваат, да снимаат и да ги објавуваат сите кршења на човековите права и слободи. Наспроти слепилото и глувоста на јавната радио и телевизија, наспроти негирањето на режимските телевизии, портали и весници, за кои десетиците илјади граѓани кои правдата и слободата ја бранат на улица - не постојат, Дерала истакна дека граѓанските новинарки и новинари се тие кои токму таа приказна ја донесоа насекаде, низ цела Македонија.
Јавниот настан, кој граѓанките и граѓаните во Струмица го проследија со огромен интерес и задоволство за придонесот на ЦИВИЛ во нивната борба за промени во начинот на владеење и за демократизирање на македонското општество, е во рамки на проектот „Граѓански објектив“, финансиран од National Endowment for Democracy.