Корумпирачки перцепции

пишува: АЛЕКС КОБАМ / FOREIGN POLICY

Објавено на 22 јули 2013 година во FOREIGN POLICY

Скоро 20 години, Транспаренси Интернешнл објавува Индекс на перцепцијата на корупцијата што ги рангира земјите (176 минатата година) според тоа колку се корумпирани врз основа на перцепциите на една мала група на поединци. Овој пристап беше избран поради тешкотијата да се измери вистинската корупција, како и поради трошоците за спроведување вакви обемни истражувања. Транспаренси Интернешнл прави добри работи, туркајќи ги прашањата за транспарентност и одговорност високо на агендата, а во своите редови вклучува и сериозни и длабоко посветени луѓе. Проблемот со индексот, меѓутоа, може да се лоцира во самото име. Перцепциите не се факти, а во овој случај може да бидат бескорисно искривен одраз на вистината.

Замислете ситуација каде што законодавците во земја со пониски приходи испадне да ги исклучат главните деловни фигури од некој стоковен договор. Се појавуваат сомнежи за корупција – но, што е битно, со нула докази. Можеби имало криминална активност, но можеби и немало. Како што сите знаеме, разни нешта се случуваат и природно е да сакате да најдете некого да обвините. Но сега, со перцепцијата дека корпоративните зделки не се најчисти, таа конкретна земја, без разлика на отсуството на докази, ќе биде погодена во рангирањето на Индексот на перцепцијата на корупцијата.

Или, да речеме, новинарите доаѓаат до оригиналната приказна („Големи компании исклучени од стоковна зделка“).  Тоа може да е поради крони капитализмот, или можеби тоа едноставно се случило. За да дознаат повеќе, на кого му се обраќаат за да ги потврдат своите сомнежи? Секако на Индексот! Потоа започнува да се развива наративот. „Земја Х, која според Индексот на перцепцијата на корупцијата на ТИ е идентификувана како една од најкорумпираните земји на планетата…“

Ова како резултат поддржува многу поширока перцепција за корумпираноста на Земја Х. Тоа понатаму ја влошува оценката на земја Х во следниот круг на истражувања. И така натаму. И така натаму.

Односно, сé додека некоја нова влада не одлучи повторно да изгради односи со главните корпоративни играчи. Не мора да значи поради било каква посветеност во борбата против корупцијата и не мора да значи со било каков ефект врз вистинската корупција, туку поради силната желба да се запре со лошите оценки на тој проклет индекс, за кој толку се известува.

Она што недостасува од овој маѓепсан круг не е само доказ за вистинската корупција на Земја Х, туку било какви информации за тоа како корупцијата ги погодува или не ги погодува граѓаните на Земја Х.

Би помислиле дека многу од вработените и членови на организацијата која произведува ваков индекс би протестирале интерно; а кажано ми е дека и го прават тоа. Би помислиле дека дури и оригиналниот креатор на индексот, Јохан Граф Ламбздорф, би повикал за ставање крај на тоа – и навистина го стори тоа, пред четири години:

„Во 1995 година го измислив Индексот на перцепцијата на корупцијата и оттогаш го организирам, ставајќи го ТИ во центарот на меѓународното внимание. Во август 2009 година, го информирав Кобус де Свард, извршниот директор на ТИ, дека не сум повеќе достапен за да го правам Индексот на перцепцијата на корупцијата“.

Недоволното известување за повлекувањето на професорот Ламздорф од Индексот – иако можеби поттикнато од отсуството на детално објаснување за одлуката – е во потполн контраст со тековната покриеност на самиот индекс.

Индексот на перцепцијата на корупцијата се добива со агрегација на 13 различни истражувања за перцепцијата. Постојат неверојатни заеднички карактеристики кај луѓето чии перцепции всушност се оценети: „група економисти од земјата“, „истакнати економисти од земјата“, „двајца експерти по држава“, „експерти кои главно се наоѓаат во Лондон“ (но и во Њујорк, Хонг Конг, Пекинг и Шангај) кои се поддржани од глобална мрежа на специјалисти во земјата“, „персонал и консултанти“, „над 100 домашни специјалисти, кои исто така се повикуваат на стручни мислења на домашни фриленсери, клиенти и други контакти“, „4,200 деловни директори“, „100 директори во бизнисот… во секоја земја“, „персонал“, „100 деловни директори од 30 различни земји/територии“, „вработени (експерти)“, „100 деловни директори по земја/територија“ и конечно „над 2,000 експерти и 66,000 други поединци од целиот свет имаат учествувано [до денес].“

Поентата тука не е дека кој било од овие главни извори е лош, или неточен, или дека не се тоа што се претставуваат. Поентата е во тоа што, по агрегирање на нивните ставови, во резултатот отсуствува било каков простор за различно мислење. Корелациите меѓу различните компоненти се движат помеѓу 80 и 100 отсто, бидејќи во голем дел исти видови на луѓе се прашуваат за нивните перцепции. Сега, јасно е дека мислењата на една меѓународно фокусирана елита, вообичаено со корпоративно потекло и можеби слично образование, може да биде особено информативна во одредени околности; една или повеќе од компонентите на истражувањето може да бидат многу корисен извор за компанија што размислува да основа бизнис во некоја нова јурисдикција. Но дали овие извори, кога ќе се соберат, даваат поширока вистина за искуството на јавноста во однос на корупцијата во дадена земја?

На почетокот на годината, професорот по право на Универзитетот на Минесота, Стјуарт Винсент Кембел, упати бројни критики во однос на Индексот на перцепцијата на корупцијата како алатка, дури и за компании кои ги водат своите обврски според Законот против странски коруптивни практики. Тој го дава интересниот пример на Бразил, која е оценета според индексот на перцепцијата на корупцијата како земја што има сериозен проблем со корупцијата.

Можеби не е ни изненадувачки, мислењето се менува кога се разгледуваат искуствата на група граѓани на една земја, наместо да се ограничи мислењето само на перцепцијата на елитата. Кембел пишува дека, спротивно на рангирањето на Индексот на перцепцијата на корупцијата, што во 2010 година го рангира Бразил на 69-то место, зад Италија и Руанда, „Глобалниот барометар на корупцијата за 2010 година [врз основа на пошироко истражување на бразилските граѓани] утврди дека само 4 отсто од Бразилците платиле поткуп, што претставува помал процент на даватели на поткуп од она што се утврди со истражувањето во САД или било која друга земја во Латинска Америка“. Интересно, Барометарот е објавен од едната од моите омилени антикорупциски организации: да, Трансперенси Интернешнл.

илустрација: Мирослав Стојановиќ – Шуки

Сега, Глобалниот барометар на корупцијата не е совршен. Прашања се поставени во однос на квалитетот (и ниската цена) на некои од главните национални истражувања, со околу само 1.000 испитаници по земја. Најновата објава привлече внимание поради отсуството на оценка за Кина, што ја доведе организацијата во позиција да објаснува дека не успеале да најдат национален партнер за истражување со кого би работеле на ова чувствително прашање. Меѓутоа, Пју (Pew Research Center) имаше анкетирано повеќе од 3.000 кинески граѓани во однос на ставовите кон корупцијата, меѓу другите работи, во 2012 година (и во 2008 година).

Барометарот, во целина гледано, има многу попривлечен пристап, отколку Индексот на перцепцијата на корупцијата – па дури и името е, што сугерира обид да се добие чувство за корупциската клима, за разлика од тешкото рангирањето што поимот „индекс“ го подразбира. Барометарот можеби не е совршен, но опфаќа поширока репрезентативна група граѓани, со цел да се обиде подобро да го разбере реалното искуство со корупцијата во различни земји.

Кога Индексот на перцепцијата на корупцијата беше лансиран во 1995 година, имаше легитимни аргументи за неговата изведба. Трошокот, во тоа време, за пошироки анкети на граѓани веројатно бил превисок – а секако за организација со тогашната големина на ТИ. Корупцијата е, скоро по дефиниција, прикриена – па можеби невозможно да се измери со голема точност. Лесно може да се види како аргументот можел да биде изнесен за користење на несовршени и тесни стручни перцепции во анкетите, за да се добијат некои бројки што се однесуваат на важен феномен за кој недоволно се информира во јавноста, и да се привлече вниманието на медиумите по ова прашање.

Но, светот е различен денес. Транспренси Интернешнл е глобална сила и нема недостаток од медиумско внимание; генерално, акцентот на медиумите во однос на корупцијата во земји со пониски приходи е дури и диспропорционален. Не може премногу да се критикуваат медиумите што преферираат поедноставни рангирања и наративи – а невладините организации играат на оваа карта. (За секој случај, треба да забележам дека една од причините поради која работев со Мрежата за даночна правда за креирање на Индексот на финансиска тајност на даночните раеви, беше да се истакне поентата дека некои големи двигатели на корупција започнуваат дома.) Но, со Глобалниот барометар за корупцијата, ТИ веќе има креирано нешто што се чини дека е – или со поголема инвестиција има потенцијал да стане – супериорна алтернатива на Индексот на перцепцијата на корупцијата. Со тоа ќе направи повеќе отколку само да го развива медиумскиот профил; може да помогне да се фокусираат политиките онаму каде што се најпотребни.

Индексот на перцепцијата на корупцијата вметнува моќна, но и погрешна елитистичка пристрасност во популарните перцепции на корупцијата, потенцијално придонесувајќи за еден маѓепсан круг, а истовремено поттикнувајќи несоодветни одговори на политиките. Индексот ги корумпира перцепциите до таа мера што е тешко да се види оправданост за негово понатамошно објавување. За доброто на организацијата, за нејзините важни цели и многуте луѓе посветени на нејзиниот успех, Транспаренси Интернешнл треба да се откаже од Индексот на перцепцијата на корупцијата.

извор: FOREIGN POLICY

превод: Наташа Цветковска

Илустрациите и поднасловот се редакциски. Преземањето на преводот е соодветно на Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста