Костадинов: Граѓаните од ВМРО-ДПМНЕ гледаат само лажни вести и злоупотреба

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, изјави дека уште од почетокот на здравствената криза, јавноста е сведок на ширење на лажни вести од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, ова е само мал дел од несериозното однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

„Лажни вести, прекршувања на мерките и забраните, злоупотреби на институции, тоа е се што гледаат граѓаните од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Но граѓаните повторно ќе го поразат режимското однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Режим – никогаш повеќе“, вели Костадинов.

Ова произлезе од последната вест, каде Владо Мисајловски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вчера на својата Фејсбук станица објави фотографија од реконструкција на пат, со прашањето дали ова е градежната офанзива на владејачкиот СДСМ.

Неговата објава наиде на коментари и критики за ширење на лажни вести, бидејќи фотографијата која ја објавил Мисајловски е од Германија, за која пишувале и германски портали, и истата е направена во општината Киршдорф во покраината Баварија.

Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ, на Фејсбук напиша дека ВМРО-ДПМНЕ свесно објавува и шири лажни вести, со кои ги манипулира граѓаните.

„Реалност се пречистителните станици, реалност се автопатите, регионалните патишта и гасификацијата низ цела држава! Направени за напред да одиме сите. Ние остануваме посветени на развој и унапредување на инфраструктурата, а ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на поделби, омраза и она што го знае најдобро, да биде фејк-њуз партија“, напиша Николовски.

A.П.