Дерала: Не е прв пат академик Ќулавкова да се покаже со вакви националистички пораки

Говорот на омраза не запре во Македонија и за време на пандемијата од КОВИД-19, кој често доаѓа и од личности кои имаат високи функции на политичката и општествената сцена. Пред неколку дена, академик Катица Ќулавкова, членка на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на својот Твитер профил објави твит со текст „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, односно вината за  ширењето на болеста Ковид-19 ја посочува кон етничките заедници кои не се етнички Македонци и христијани.

Нејзиниот твит предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, кој беше оценет како поттик за нетолеранција меѓу етничките заедници.

Џабир Дерала од ЦИВИЛ, за Мета, изјави дека не е прв пат да ја видиме академик Ќулавкова во такво светло, каде ги изразува националистичките ставови.

„Не е прв пат да ја видиме академик Ќулавкова во вакво светло. Сепак, со оглед на предизборниот период, со оглед дека и социјалната и политичката состојба, како и состојбата на јавното здравје, како теми се искличително доминантни во овој период, нејзиното учество во социјалните мрежи со вакви пораки упатува на тоа дека Ќулавкова, покрај тоа што е националистка, таа е вклучена и во политиката. Доказ за тоа е дека избира многу деликатен социо-политички момент во земјата за да ги обнови своите националистички пораки во јавноста“, изјави Дерала.

Твитот на Ќулавкова предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, нејзиниот став беше оценет како националистички и шовинистички, и по истите таа по неколку часа го избриша.

Според статистиката објавена на веб-страницата govornaomraza.mk,  во периодот од 05 до 27 мај годинава, регистрирани се 846 пријави на говор на омраза, од кои 418 се врз етничка основа.

A. П.