Клинички случај

пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Сѐ додека во медиумскиот простор доминираат квази новинари и креатори на јавното мислење што се однесуваат како гангстери, а во најдобар дел како чистачи на кондури, додека оние што држат до професионалните стандарди и етички норми живеат на граница на егзистенцијата – не можеме да очекуваме вистинска слобода во медиумите.

Сѐ додека владее неказнивост за сејачите на омраза и креаторите на лажни вести и дезинформации, а оние што изнесуваат факти и докази за криминалот, корупцијата и злоупотребите на моќта, функциите и јавните ресурси, завршуваат на суд или се под било кој облик на притисок – нема слобода на говор.

Сѐ додека продукцијата на голем дел од богатите интернет медиуми се заснова на „факти“ што ги објавиле „обични граѓани“ (партиски агитпроп) на своите „невини“ Фејсбук профили – нема медиумски слободи.

Сѐ додека постојат новинарки и новинари што се плашат за својот живот или за својата и безбедноста на своите блиски, кога ризикуваат да изгубат работа затоа што не му се допаѓаат на газдата, на некој политичар или бизнисмен – правото на слобода на изразувањето и информирањето не постои.

Сѐ додека самобендисаните новинарски елити мислат дека изразот „право на слобода на изразувањето и информирањето“ се однесува на нив, а не дека е фундаментално човеково право – не само што нема медиумски слободи, туку нема ни медиуми.

Сѐ додека уредниците и новинарите воспоставуваат лажен баланс во стилот „5 минути за Евреите, ама 5 минути и за Хитлер“ – нема слобода на изразувањето и на информирањето.

Сѐ додека објективната критика и обелоденувањето на погрешни практики и постапки се преземаат во медиумите под контрола на националистите и криминалците и се претвораат во валкан агитпроп памфлет – ништо од објективното информирање.

Сѐ додека најбогати и најдоминантни во јавноста се гнезда на партиски истомисленици и пропагатори, полуписмени насилници и простаци, а притоа голем дел од јавноста ги третира како новинари, а нивните разбојнички пештери ги нарекува медиуми – општеството е клинички случај.

Сѐ додека има медиуми што се финансираат со црни пари во интерес на антизападните центри на моќта и на криминалниот режим, а тоа се толерира и од јавноста и од институциите – нема слобода во тоа општество, туку само страв и неизвесност.

Сѐ додека некој мисли дека треба да плати реклама или на било кој друг начин да му овозможи егзистенција на квази уредник или новинар што се заканува и уценува (рекетира) – владее законот на џунглата.

Сѐ додека медиумите се третираат како феудални имоти, а медиумските работници како закрепостени селани – ќе продолжиме да тонеме.

Сѐ додека има новинар-к-и што се плашат да напишат текст против националистите и криминалците, за секој случај, да не се вратат на власт – криминалниот режим сѐ уште е жив.

Сѐ додека слобода на говор се поистоветува со говорот на омразата и ширењето национална, верска и расна омраза, а сето тоа не наидува ниту на јавна осуда, а камоли санкции – нема надеж за тоа општество.

Сѐ додека инфодемијата не се сфати со истата сериозност како и пандемијата, Белата палата ќе остане Бастилја на лагата, омразата и деструктивноста.

 


Сите права се задржани.  Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.